Балкан

Приштина се подготвува за справување со радикалните елементи На Косово му се закануваат напади од џихадисти повратници од Блискиот исток

На Косово му се закануваат напади од џихадисти повратници од Блискиот исток

Косовската влада подготвила стратегија за борба против тероризмот стравувајќи дека косоварите кои изминатите години војувале за интересите на утлрарадикалната сунитска организација во Ирак и во Сирија, би можело по враќањето во татковината да изведуваат терористички напади.

Околу 300 жители на Косово од 2012 година заминале на боиштата во Сирак и во Ирка да се борат на страната на џихадистичката групација Исламска држава која подоцна во летото 2014 година освои големи области од споменатите две земји и на нив го прогласи ткн. „калифат“ кој го уреди според најригидните толкувања на исламот. Се проценува дека од споменатата бројка 70-ина загинале а за останатите, вклучително и жени и деца, се претпоставува дека сѐ уште се во зоните на судирите и покрај тоа што Исламската држава е поразена и протерана од речиси сите области кои ги имаше под контрола.

Документот насловен „Државна стратегија против тероризмот и акциски план 2018-2020-та“ е поставен од минатиот петок на интернет страницата на косовската влада . Потенцијалните закани „вклучуваат напади на членови на терористичките организации кои би ги извеле странски терористички борци, неактивни ќелии, симпатизери и приврзаници кои би биле вдахновени да извршат насилство“, се наведува меѓу другото во документот.

Меѓународните и безбедносните агенции од регионот претходно предупредуваа на опасноста којашто ја претставуваат борците повратници, а во пролетта 2015 година како и другите земји од регионот Косово донесе закон со кој борбата во странство се прогласува за кривично дело за кое се добива казна до 15 години затвор.

Во споменатиот извештај се наведува дека имало „јавни повици за извршување терористички напади на Косово и во регионот“. Тероризмот е „една од најголемите закани за националната безбедност“, се додава.

Речиси 90 отсто од населението е со муслиманска вероисповед на Косово која според уредувањето е секуларна држава. Исламистички напади на Косово досега немаше, иако неколкупати безбедносните сили извршуваа големи операции а во јуни годинава пет мажи од Косово беа обвинети дека планирале напад на фудбалскиот натпревар во Албанија против гостинската селекција на Израел.

Според косовското обвинителство, некои од тие осомничени биле во контакт со Лавдрим Мухацери, истакнат припадник на Исламската држава и самопрогласен „командант на Албанците во Сирија и во Ирак“, од кој примале наредби за нападот. Муџахири м наводно е убиен во Сирија, но досега повеќепати се јавуваа такви информации кои подоцна беа повлечени.

Во стратегијата на косовската влада која ја составило министерството за внатрешни работи, се наведува дека „невладини организации го увезле радикалниот ислам“ од Блискиот исток на Косово откако оваа држава еднострано прогласи независност од Србија во 2008 година со поддршката на САД и водечките земји од ЕУ.