На „Листата на Лагард“ фалат 86 имиња

Озлогласената „Листа на Лагард“ треба да има вкупно 2.148 имиња, а не 2.062 колку што досега има, пишува грчкиот весник Та Неа.

Листата на Лагард е список кој опфаќа над 2.000 имиња за грчки државјани кои затајувале данок така што не ги пријавиле депозитите во претставништвото на швајцарската ХСБЦ банка во Женева. Листата го доби името според поранешната министерка за финансии Кристин Лагард која во октомври 2010 година го предаде списокот на грчката влада, со цел да им помогне полесно да бидат откриени затајувачите на данок. Лагард во моментов е директор во ММФ.

Листата беше скриена од грчките власти, а беше објавена две години подоцна од страна на истражувачкиот новинар Костас Ваксеванис.

Весникот пишува дека по истражувањето на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари на листата недостасуваат имиња на 86 Грци кои имаат непријавени банкарски депозити во швајцарската банка. Станува збор за Грци по потекло кои имаат прифатено државјанство во други земји, па затоа не се вклучени во оригиналната листа. Исто така, истрагата покажала дека има други 41 име на лица кои што се поврзуваат со сметките на потенцијалните затајувачи на данок кои што веќе се на листата.

Досега, многу мал број на имиња на лица кои се најдоа на листата беа јавно обелоденети. Поранешниот министер за финансии Јоргос Папаконстантину е обвинет за скратување на листата и бришење на имињата на неговите роднини кои се најдоа на листата поради што ќе се соочи со судска постапка.

фото: greekreporter.com