На Македонките им „иска“ за силикони, ама им „стиска“ за пари

Се поголем број пациенти се заинтересирани за естетски операции, а во последниве 10 години бројот на клиенти е двојно зголемен, што оди во прилог на светскиот тренд за естетски операции. Покрај граѓани од земјава, наши пациенти се и Македонците од дијаспората, но и странците, најголем дел од Србија, Грција, Бугарија и Русија, вели хирургот Игор Пеев од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

Тој вели дека интересот е голем, но сепак поради економскиот момент само дел од сите заинтересирани се одлучуваат да ја направат интервенцијата.

Македонките најголем интерес пројавуваат за зголемување и намалување на градите. Покрај овие зафати интересот е огромен и за затегнување на стомакот, липосукција на повеќе регии од телото, а најчесто е извршувана корекцијата на уши кај децата.

На Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, како што вели Пеев се работат и корекции на нос, затегнување на лице и врат, затегнување на очни капаци, подигање на гради, затегнување на натколеници и раце, подигање на задник, липофилинг или подмладување на лице со сопствено масно ткиво кое е моментален тренд во светот и секако зголемување на усни со или без оперативен зафат.

Ова покажува дека естетските операции повеќе не се табу тема за Македонците, туку граѓаните прашуваат се што ги интересира во врска со овие операции и се повеќе се одлучуваат на корекција со цел да бидат позадоволни со својот изглед.

Најскапо би ве чинеле поголемите гради, за што ви требаат околу 1.500 евра, ако сакате да го затегнете лицето, ви требаат околу 1.250 евра, а доколку сакате корекција на нос треба да одвоите околу 600 евра.

– Овие операции во земјава се релативно евтини и се адапатирани според стандардот на граѓаните. Зголемувањето на градите чини околу 1.500 евра со целосно болничко и оперативно лекување со вклучени пар на силиконски протези, додека корекцијата на нос чини околу 600 евра. Подигнувањето и намалувањето на градите чини околу 700 евра, вели Пеев, кој додава дека едни од поскапите интервенции се затегнувањето на лицето, бидејќи оваа интервенција чини 1.250 евра и липосукцијата на повеќе регии на телото (по 600 евра од регија).

Интересно е што во земјава постои тренд на намалување на градите, но како што вели хирургот Пеев сепак повеќе барана интервенција е зголемувањето на истите.

На страна другите интервенции во Македонија има интерес и за операција за промена на полот.

– Сме имале неколку пациенти кои бараат промена на пол, вели Пеев, кој потенцира дека кај нас нема законска регулатива за тоа.

Иако пациентот по естетската операција ќе биде позадоволен со својот изглед, истата носи и ризик од можни компликации.

– Како и секоја операција, овде се класичните оперативни компликации како инфекција, крварење или проблем со зараснување на раната или анестезиолошки компликации. Посебност е и незадоволството на пациентот од очекуваниот изглед, па понекогаш е потребен и дополнителен оперативен зафат за кој пациентот не доплаќа, вели Пеев.

Тој додава дека главната цел на овие интервенции е пациентите да бидат задоволни од севкупниот третман и нагласува дека за овој тип на интервенции потребно е трпение и време, бидејќи изгледот на било која интервенција се подобрува со текот на времето, па затоа нема потреба од брзање со било каква реоперација.