Македонија

На најавите за „бомби“ на Заев, власта одговара со инвестиции и нови работни места

На најавите за „бомби“ на Заев, власта одговара со инвестиции и нови работни места

Додека првиот човек на опозицијата Зоран Заев се заканува со бомби кои јавноста никако да ги дочека, претседателот на македонската влада Никола Груевски носи инвестиции и отвора нови работни места. Во новите фабрики ќе се вработат над 13.000 лица и ќе бидат вложени над 800 милиони евра, објави Курир.

На најавите за „бомби“ од лидерот на СДСМ, власта одговара со реализации на бројни инвестиции и отворање на нови работни места. Во последната една година, седумнаесет странски инвеститори донесоа одлука и јавно ја објавија дека ќе инвестираат во Македонија, а во периодот по изборите активно почнаа да работат, дел од нив работат на проектирање на фабричките хали, дел веќе ги градат како „Техникал Текстил“ во Штип или како „Диатек“ во Скопје.

„Веибо груп“ објави дека ќе започне да гради во Ранковце каде планира да вработи 5600 луѓе во период од три години по отварање на првата фабрика, бидејќи ќе градат повеќе фабрики, и ќе понуди вработување со организиран превоз на невработени од целиот регион каде е Куманово, Крива Паланка, Кратово и Пробиштип и Ранковце.

Покрај овие 17 компании, осум други компаниии по изборите до сега објавија одлука дека ќе инвестираат во нашата земја, а две големи компании кои веќе работат во Македонија со претходни инвестиции најавија проширување на капацитетите. Две нови големи компании „Капкон“ и „Гентерм“ во два дена објавија инвестиции. Осумнаесет милиони долари вреди новата американска инвестиција на „Капкон“ во Македонија која ќе отвори нови 400 работни места. Договорите за реализација на инвестицијата ги потпишаа во Скопје претставници на македонската Влада и на компанијата „Капкон“.

– Капкон го избра Скопје за свој дом за деловните активности и производството наменето за пазарите во Европа. Овој производствен капацитет откако ќе стане целосно оперативен ќе вработи околу 400 лица. Исто така, имаме намера да ги прошириме нашите активности тука и да отвориме технички центар кој исто така ќе има инженерска поддршка во овој капацитет, рече по потпишувањето на Договорот Али ел Хач, извршен директор во компанијата.

Во Технолошко индустриската развојна зона во Прилеп „Гентерм“  ќе произведува греачи за седишта и волани за автомобил. Во првите три години ќе вработи 1000 лица, а планирано е да вработи вкупно 2000 лица. Во првата фаза ќе биде изграден погон од 6400 метри квадратни.

-До крајот на неделава ќе се бара македонска компанија која ќе биде проектант. Градежните активности започнуваат од месец м,арт следната година, а компанијата ќе почне со работа од четвртиот квартал 2015-та. Работиме со агресивен временски период. Инвестицијата на овој познат бренд ќе стане магнет за идните инвеститори, рече директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Дополнително, шест компании имаат донесено интерни одлуки да инвестираат во Македонија, но сеуште ги немаат објавено.

Во странските директни инвестиции од 2006 година до сега се вработени дирекно 11 000 лица, а со следните инвестиции кои се потврдени ќе се вработат дополнителни над 13.000 лица, директни вработувања, плус поголем број индиректни вработувања.

Низа инвестиции најавени на отворената владина седница

На отворената седница на Владата за следната 2015 година беа најавени повеќе странски инвестиции. Заинтересирани за инвестирање во Македонија се американски, германски, но и италијански, турски и словачки компании. Американска компанија со главно седиште во Минхен во Германија е заинтересирана за инвестиција во Македонија.

Бил Павлески, министер за странски инвестиции без ресор, информираше дека германска компанија донела одлука за инвестирање во Република Македонија и оти како локација бил избран градот Прилеп.

– Се работи за фирма која инвестира во нова технологија која се употребува во автомобилската индустрија. Се работи за пластично моделирање на компаненти кои влегуваат во автомобилските делови. Оваа нова технологија и како инвестиција е добредојдена во Република Македонија, изјави Павлески.

Инвестицијата е делумно објавена на минатиот бизнис форум во Франкфурт, но официјално тоа се уште не е направено.

– Тоа ќе го направат кон крајот на јануари и почетокот на февруари. Оваа фирма во почетната фаза планира меѓу 200 и 300 вработувања, изјави Павлески.

Друга фирма од Германија, како што кажа тој, селектира парцела во ТИРЗ 1 во Скопје и тие ќе започнат со градба на фабриката оваа пролет. – Немаат објавено одлука. Во фаза сме на формализирање на договорите. Тие имаат конечна одлука да инвестираат во Република Македонија. Ќе има околу 500 до 600 вработувања. Инвестицијата би била околу 30 милиони евра, и ова е високотехнолошка индустрија. Ќе вработуваат доста висококвалификувана работна сила. Ќе произведуваат разновидни електрични уреди, изјави Павлески.

Министерот информираше дека во завршна фаза се разговорите и за инвестиција во источниот дел на Македонија, регион каде што има голема невработеност.

– Оваа фирма би произведувала делови од автомобилската индустрија. Се работи на конкретизирање на договорите со оваа фирма и кога тоа ќе се направи оваа инвестиција ќе биде објавена, изјави Павлески, кој смета дека до февруари би можело инвестицијата да биде објавена. Република Македонија, според него, е прифатена како најдобра можна локација за инвестирање.

Павлески посочи дека заинтересирани за инвестирање во Македонија се уште две фирми. Едната од и нив е американска и планира да отвори кол центар за компјутерска технологија во Македонија.

– Тие се од Лос Анџелес. Потврдија дека ќе ја посетат Македонија со голема група вработени кои сакаат за време на посетата да направат интервју со 50 ИТ-инженери и ако констатираат дека имаме доста солидна работна сила во тој сегмент би ги ангажирале и би отвориле фирма при самото доаѓање во јануари, изјави Павлески.

Италијанска компанија е во фаза на одлучување за инвестирање во Македонија, во кичевскиот дел, каде би произведувале стролбови за далеководи.

Се финализира постапката  со голема меѓународна фирма која работи во областа на аутсорсинг на бизнис процеси и која јавно котира на берзата во Њујорк.

– Оваа компанија ќе создаде околу 1.000 нови професионални работни места. Фирмата ќе вработува млади лица кои дипломирале и кои имаат одлични познавања од англискиот јазик, истакна министерот без ресор за странски инвестиции Џери Наумоф, на отворената владина седница.

Платата ќе биде многу добра, додаде тој и истакна дека за вработените ќе следат 10-недлени платени обуки. Од компанијата се надеват дека со ангажирање и обука на вработените ќе започнат до крајот на февруари.

Министерот Веле Самак информираше дека по празниците се очекува американска компанија, која би вработила 2.500 лица во северозападна Македонија, да донесе конечна одлука за инвестирање во земјата.

– Се работи за американска компанија која има седиште во Минхен. Фаворит за инвестирање остана регионот во северозапдна Македонија. Направија уште една посета на земјата и начелно ни кажаа дека ќе ја предложат Македонија и се надеваме дека за еден месец поради празниците тоа да се официјализира. Тие ги проверија и можните локации и начинот на кој би почнале и профилот на луѓе. Тоа би било поголема инвестиција, изјави Самак.

Нивниот план е во рок од пет години тие да имаат вработено 2,5 илјади луѓе така што би биле едни од позначајните работодавци во тој регион.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски посочи дека од оваа компанија информираат дека оптималната големина на фабриката е три илјади вработувања, но смета дека реално бројката на вработувања ќе биде 2,5 илјади. Според него, оваа компанија ја става Македонија во државите со повисок приоритет бидејќи нуди поголем интензитет на државна помош.

Премиерот Груевски се интересираше за преговорите со две белгиски фирми и една швајцарска кои пројавија интерес за инвестирање во Македонија.

Министерот Висар Фида информираше дека едната белгиска компанија, која е од областа на земјоделието, веќе доставила бизнис план.

– Се работи за компанија која сака да инвестира во збирен центар за јаболка и сакаат на десетина хектари тие самите да засадат јаболка, рече Фида.

Втората компанија сака да отвори погон за производство на грејни тела, додека третата е швајцарска компанија од автомобилската индустрија која разгледува четири земји во регионот.

– Неофицијално ме информираа дека ќе останат да ја разгледуваат само Македонија и оти многу скоро ќе донесат одлука, изјави Фида.

Според него, овие компании би требало во првите три месеци од 2015 да донесат одлука.

На седницата беше посочено дека за инвестирање во земјата има и заинтересирани турски и словачки компании и оти во првите три месеци од 2015 се очекува да има поконкретни информации.

Ветувањето исполнето, 20 нови инвестици, 14.000 работни места во новите фабрики

На инвестициски план 2014 година е една од најплодните досега. Повеќе од 20 компании објавија дека ќе инвестираат во земјава или веќе почнале со активностите за почеток со производство.

Анализите покажуваат дека во новите фабрики ќе се вработат над 14.000 лица, а ќе бидат вложени над 800 милиони евра. Најважно од се е дека фабрики ќе се градат низ сите региони во земјава што е многу важно за рамномерен регионален развој.

Ова се најголемите инвестиции кои дојдоа во земјава годинава:

ОДВ електрик , Германија– 1.000 вработувања, 15 милиони евра, во Охрид

КСС, САД – 1000 вработувања, 20 милиони евра, во Кичево

Маркарт, Германија – 600 вработувања, 35 милиони евра, во Велес

Диатек, Италија – 200 вработувања,10 милиони евра, во Скопје

Техникл текстајл, Германија – 600 вработувања, 12 милиони евра, во Штип

Антура, Холандија – 200 вработувања, во Кочани

Етанол Јуроп Рињуабл, Ирска ДуПонт, САД – 1000 вработувања, 250 милиони евра, во Прилеп

Монтанте, Италија, 100 вработувања, 10 милиони евра, во Скопје

“ENERGIA” Ltd, Украина, 150 вработувања, 18 милиони евра, во Скопје

ИТЕК, Италија – 120 вработувања, 3,8 милиони евра, во Тетово

„Филкаб“ Бугарија, 100 вработувања, 3,5 милиони евра во Скопје

„Ендава“ со 450 вработувања и 2,5 милиони евра во Скопје, вработени ИТ инжинери

Амфенол САД – 500 вработувања, 6 милиони евра во Кочани

Менсан, Турција – 100 вработувања, 5 милиони евра во Скопје

ВЕИБО. Турција – 5600 вработувања 400 милиони долари, во Ранковце

Гришко, Русија, 200 вработувања, милион евра, во Демир Хисар

Еуро БПО, Велика Британија- 350 вработувања, Скопје

„Про лајн“ Турција – 50 вработувања 3 милиони евра

Истем медикал Турција 250 луѓе, 10 милиони

Мач груп Турција Илинден вредна три милиони евра.

Демпо груп, Турција ќе гради две фабрики. Едната 3 милиони евра во која ќе работат 150 лица, а втората за мермер со иста вредност и со околу 400 нови вработувања.

Гентерм – 1000 вработувања, во Прилеп

Во своето новогодишно обраќање лани, премиерот Никола Грувески најави дека во 2014 година во земјава ќе влезат нови 20 компании.

– Во подготовка на моето новогодишно обраќање направив разговор со поголем дел од луѓето кои во Владата и во владините институции се задолжени за инвестирањето и она што го детектирав е дека имаме повеќе од дваесет инвеститори кои веќе неформално имаат донесено одлука да инвестираат во Македонија, односно да ја почнат својата инвестиција во текот на оваа година, значи од сега до крајот на оваа година, рече тогаш Груевски.

Ветувањето е исполнето, со бројка од над 20 нови инвестиции, 2014 е една од најуспешните на инвестициски план.

Очекувањата се дека наредната година ќе биде уште подобра со оглед на тоа дека кризата веќе заврши, а Македонија станува се поинтересна бизнис дестинација, препознатлива по поволниот инвестициски пакет кој го нуди на странските компании.