На Новогодишната ноќ и 1 јануари во Тајланд загинале 127 лица

На 31 декември и 1 јануари во Тајланд загинале 127 лица, а потешко се повредени 1.158 други, соопшти денеска тајландската сообраќајна полиција, објави МИА.

Огромен број прекршители на сообраќајните прописи, околу 50.000, новогодишните празници ги минуваат во затвор, бидејки повеќе сакале таква санкција, отколку да платат казна.

На 31 декември минатата година на патиштата во Тајланд се случиле 625 посериозни сообраќајни несреќи во кои загинале 70, а потешко се повредени 641 луѓе, најголем дел од нив меѓу 25 и 45 години.

Соопштувајќи го ова, полицијата во Бангкок објави дека причина за големиот број сообраќајки биле пијани возачи и оние што ја пречекориле дозволената брзина. Што е полошо, над 80 посто од несреќите се случиле на отворен пат.

Во темната статистика на трагичниот биланс од новогодишната ноќ на 2.259 контролни пунктови полицијата казнила или привела 84.345 возачи, од кои најголем број се моторџии што возеле без заштитен шлем, а над 20.000 немале возачка дозвола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.