На парадата на победата во Москва ќе учествува и српска војска

Српскиот претседател Томислав Николиќ потпиша указ со кој им се дозволува на единици на српската армија да учествуваат на Парадата на победата на 9. мај во Москва, објави МИА.

„Српската армија ќе учествува на Парадата на покана на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу“, соопшти српското Министерство за одбрана.

Шојгу посочи дека Русија поканила воени единици од 16 пријателски држави и членки на антихитлеровската коалиција. Девет земји го потврдиле учеството, две откажале, а другите се уште не одговориле.

Предвидено е на овогодинешната Парада на победата да учествуваат 15.000 луѓе. На парадата пред пет години на Црвениот плоштад учествуваа 11.135 војници и офицери.