На патот кон ЕУ БиХ е најслаба од земјите во регионот

Европската комисија, претседателството на Европската унија и пратениците од Европскиот парламент изразија загриженост поради целосниот застој на Босна и Херцетовина, која како што оценуваат, заостанува зад сите земји од регионот на патот на европските интеграции.

Во расправата, што во ЕП се водеше за напредокот на БиХ, Црна Гора и Македонија, еврокомесарот за проширување Штефан Филе цитираше дел од извештајот, кој го изготви известувачот Дорис Пак, а во кој се повикуваат лидерите на трите конститутивни народи во БиХ да се откажат од националистичката и етноцентристичката реторика.

„За жал речиси секоја година расправата за БиХ изгледа како реприза на нешто веќе видено, изјави Филе доцна синоќа во ЕП“, изразувајќи подготвеност да допатува во оваа земја на уште една рунда разговори со политичките лидери со цел да се решат сите спорни прашања, а државата да се придвижи кон европскиот пат.

Датумот на посетата се уште не е договорен.