Македонија

На Пелистер, почна годинешната климатска рехабилитација на болните деца од Велес и Возарци

На Пелистер, почна годинешната климатска рехабилитација на болните деца од Велес и Возарци

Сто деца од Велес и педесет деца од кавадаречко Возарци од денеска се на климатска рехабилитација на Пелистер,пишува Дума.

Тие хронично боледуваат од болести на белите дробови како што се бронхити, бронхопневмонии или астма кои се последица од загадувањето на животната средина во која живеат, во близина на Фени или во Велес каде и по една деценија од затворањето на Топилницата има тешки метали во воздухот и почвата. Децата се веќе пристигнати и сместени во детското одморалиште на Пелистер.

Таму ќе останат во наредните осум дена бидејќи моликата и чистиот планински воздух се особено значајни за подобрување на здравјето, вели претседателката на Здружението на родители за грижа за здраво поколение Иванка Андова.

„Резултатите од анализите на крвната слика, пред и по рехабилитацијата, покажуваат разлика кај сите деца кои имаат анемија. Мајките на децата кои боледуваат од респираторни болести секоја година кажуваат дека децата кои доаѓаат на оваа климатска рехабилитација немаат потреба од инхалатори во почетните месеци на зимата. Тоа доволно говори за оправданоста на оваа климатска рехабилитација, “ рече Андова.

Оваа прва група на деца од Пелистер ќе се врати на 11 август кога во детското одморалиште ќе стигне втората група која ќе ја сочинуваат уште сто деца од Велес и по триесет од кичевско Осломеј и скопско Миладиновци.

Министерството за животна средина плаќа 50 отсто од престојот на вкупно 370 деца. Нивните родители партиципираат по 3.300 денари. Тоа е така поради големиот интерес што последниве години го покажаа семејствата на болните деца. Претходно, кога имаше помала заинтересираност, целата климатска рехабилитација беше на товар на државата. Таа е проект на граѓанското здружение и општина Велес кој државата го прифати и финансиски почна да го поддржува пред тринаесет години.

извор: Дума