На плоштад „Македонија“ изложба на Државниот архив по повод 8 Септември

По повод Денот на независноста 8 Септември, Државниот архив на Република Македонија денеска на плоштадот „Македонија“ отвори изложба „25 години независна Република Македонија“.

На 25 паноа се презентирани околу 500 документи и фотографии од најважните случувања и личности кои ги одбележале изминатите 25 години по Референдумот за независност во 1991.

Покрај изложбата, ДАРМ на плоштадот постави и штанд со  архивски изданија наменети за продажба, меѓу кои се и документи од едицијата „Копија – верна на оригиналот“, заеднички проект на Архивот и Министерството за култура. Средствата од продажбата ќе бидат донирани за помош на граѓаните од поплавените подрачја.

На отворањето на изложбата присуствуваа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорот на ДАРМ Филип Петровски.

Покрај изложбата, која на плоштадот ќе биде поставена до 20 часот, ќе има и изненадувања за најмладите во вид на балони во црвена и жолта боја, а подготвено е и специјално издание од „Република“, првиот дневен весник во Македонија.

Овој проект на Архивот ќе биде претставен и во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип, Велес и Куманово, каде што има архивски одделенија, како и во други општини низ државата.

Министерката изјави дека изложбата која ги претставува најзначајните општествени случувања во досегашното две и полдецениско постоење на македонската држава, е меѓу настаните од програмата за одбележување на годишнината која се организира под покровителство на Владата на Република Македонија.

Претходно, Канческа-Милевска и скопскиот градоначалник Коце Трајановски на прес-конференција ги соопштија настаните со кои ќе се одбележат 25 години од независноста на Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.