На полноќ завршува доставувањето листите за пратеници до ДИК

На полноќ завршува рокот за поднесување листи за кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија до Државната изборна комисија, за изборите закажани за 27 април, објави МИА.

ДИК во рок од 48 часа утврдува дали листата на кандидати е поднесена во утврдениот рок и е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. Доколку има недостатоци партиите ќе треба да ги отстранат исто така во рок од 48 часа.

На 3 април, според Роковникот ДИК треба да се изврши и жребување за редоследот на листите на гласачкото ливче, а на 9 април единствени листи на кандидати за пратеници во изборните единици Комисијата треба да ги објави во дневниот печат.

Утре, пак, на полноќ завршува и јавниот увид во Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори и за пријавување на македонските државјани што работат и престојуваат во странство. Електронски, преку веб-страната на ДИК, увид во Избирачкиот список до петокот направиле 27.000 граѓани. До четвртокот за гласање на предвремените парламентарни избори биле пријавени над 6.000 македонски државјани во странство.

Најдоцна на 4 април ДИК избирачкиот список го доставува до политичките партии, кои имаат рок од пет дена до Комисијата да достават барања за запишување, дополнување и бришење на податоци. ДИК треба да го потпише заклучениот Избирачкиот список најдоцна до 17 април.

Кампањата за предвремените парламентарни избори започнува на 5 април, а поради првиот круг од претседателските избори ќе биде прекината на 12 и на 13 април. Ова се трети предвремени парламентарни избори во Македонија и ќе се одржат на 27 април, на вториот круг од изборите за шеф на државата.