На повидок е револуција во фудбалот

Воведувањето на видео-технологија во фудбалот само за спорните моменти на гол-линијата повеќе од извесно нема да биде единствена помош на судиите, а комплетно воведување на видео-технологијата е една од идеите за во иднина, која многу брзо може да се реализира. Аргентинскиот судија Херман Делфино веќе направи преседан и влезе во историјата – стана прв судија што сменил одлука врз база на телевизиска снимка.

Делфино во фудбалот сега може да стане „новиот Босман“, кој комплетно ќе го смени ликот на фудбалот со ТВ-помош за судиите во секој момент, не само за спорните ситуации. Аргентинецот скапо ќе го плати менувањето на одлуката со прегледување на ТВ-снимката, ФИФА и аргентинската федерација АФА најавија сериозна казна, но тоа може да доведе до судски спор како за Белгиецот Жан Марк Босман.

Делфино пред неколку денови на мечот Велез Сарсфилд – Арсенал Саранди (1-1), ја поништо својата одлука да досуди пенал за домаќинот и да го исклучи гостинскиот дефанзивец, затоа што помошникот му „јавил“ дека згрешил откако го видел спорниот момент на видео-снимка. Делфино, кој важи за еден од најдобрите јужноамерикански судии, претходно досуди пенал и му покажа црвен картон на Даниел Валенсија (втор жолт) поради играње со рака. Сепак, линискиот судија ја видел повторената снимка и воочил дека со рака играч напаѓачот на Велез, па го известил Делфино, кој јас сменил одлуката и ги поништил пеналот и исклучувањето.

“Совеста ми е чиста. Знам дека е против правилата, ама знам дека мојата одлука е праведна”, изјавил судијата.

ФИФА долго време одолева на идејата за комплетно воведување на видео-технологија, најчесто за спорни ситуации, пенали, црвени и жолти картони, инциденти што не ги видел судијата… Но, засега е само воведена гол-линија технологијата.

Според многу стручњаци, случајот со Делфино може да биде пресвртница. Особено ако започне судска разврска, како со Босман, кој комплетно го смени ликот на фудбалот.

Извор: Спортмедиа.мк