На продажба околу 11.000 станови, цените стабилни

станови

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпевски,  презентирајќи го извештајот на Регистарот на цени и закупи  за третиот квартал од минатата година,  оцени дека цените на пазарот на недвижности се стабилни со благ пад во некои општини како реакција на презаситеноста на пазарот со новоизградени станови. Моментно на пазарот на недвижности слободни за продажба се околу 11.000 станови, од кои 2.800 изградени. Бројот на новоградби и станови во тек на градба односно понудата на станови на пазарот, според Трпески, моментно ја задоволуваат побарувачката на станови  и има доволна залиха на новоизградени станови доколку побарувачката се зголеми.

Во третиот квартал, според регистарот, се регистрирани 646 продажби на новоградби, односно за 147 повеќе во однос на вториот квартал, кога биле регистрирани  499 продажби.

– Во овој квартал согласно податоците од базата на Катастарот на недвижности имаме 2.807 новоизградени станови кои се непродадени и се нудат на пазарот со недвижности, додека во тек на градба се 8.332 станови на целата територија на Македонија. Во вториот квартал од 2016 година беа регистрирани 2.842 непродадени станови кои се нудеа на пазарот со недвижности и 7.969 станови кои беа во тек на градба. Доколку ги споредиме овие два квартала можеме да забележиме намалување на непродадените станови за 35 стана и раст на становите кои се во градба од 363 стана кои треба да бидат довршени и понудени на пазарот со недвижности, рече Трпески.

Според него, цените на становите по општини се стабилни и се во одредено ниво на флуктација од 3.000 денари помеѓу различни квартали, иако има и мал број општини каде овие разлики се повисоки и има некои надолни трендови на цените.

Во третиот квартал годинава цената на метар квадратен станбен простор во општина Центар изнесува 55.173 денари, што е намалување за 2.970 денари во однос на истиот квартал во 2015 година. Во општина Аеродром, пак, има раст на  цената на становите,  односно метар квадратен во третиот квартал изнесува  55.462 денари што е раст на цената за 5.835 денари, споредено со третиот квартал од 2015 година. Намалување на цената во третиот квартал од 2.645 денари е регистрирано во општина Карпош.

Надвор од Скопје стабилна цена на станбениот простор има во општина Струмица каде во третиот квартал 2015 година е регистрирана цена од 30.603 денари, а за истиот период оваа година е регистрирана просечна цена на од 31.320 денари. Во Битола, пак, има намалување за 8.311 денари на просечната цена за метар квадратен, одноно ако во третиот квартал во 2015 година изнесувала 31.713 денари, во истиот квартал лани, цената била 23.402 денара.

Регистарот на цени и закупнини регистрира пад на бројот на станови  под хипотека од 0,44 проценти, а на ниво на целата држава од вкупниот број регистрирани станови 9,28 проценти се наоѓаат под хипотека.

Според Трпески, има стабилизирање на активностите на пазарот со недвижности по огромното зголемување на активностите регистрирано во првиот квартал од 2016 година и падот од околу 2.000 трансакции во вториот квартал.

Во првите три квартали од годинава во Регистарот на цени и закупнини се запишани вкупно 19.798 трансакции со недвижности, од кои 56 проценти се однесуваат на продажби, 33 проценти на закупи, осум проценти на продажби од инвеститор и проценти на откупи од државата. Само во третиот квартал годинава во Регистарот на цени и закупнини се запишани 5.954 трансакции, што е за 34 трансакции повеќе  во однос на вториот квартал. Споредено со третиот квартал лани кога се регистрирани 3.813 трансакции,  годинава има пораст на трансакциите од 36 проценти. Најголем број трансакции во третиот квартал се забележани во септември кога се регистрирани 2.174 трансакции, а најмалку имало во јули, 1.801.