На продажба 53 парцели во Дојран

Општина Дојран ќе понуди на продажба 53 парцели кои се простираат на површина од околу 20 хектари.

Во тек е изработката на проектот за новата зона лоцирана на влезот во Нов Дојран, кај селото Црничани.

Градоначалникот Борче Стамов, најави дека продажбата на парцелите, од која очекува да донесе нови инвестиции во Дојран, ќе започне за помалку од еден месец, а напоредно ќе се уредува и инфраструктурата.

Покрај новиот хотелски комплекс, кој неодамна го најави локалната самоуправа, Стамов се надева и на изградба на повеќе индустриски капацитети во кои населението ќе биде работно ангажирано во текот на целата година, а не само за време на туристичката сезона.

Општина Дојран за годинава предвидува повеќе инфраструктурни проекти за чија реализација обезбедила околу 93 милиони денари надвор од основниот буџет.