На првиот упис во средно запишани 11.205 ученици, во овие училишта пополнети се сите места

Во првото пријавување од јунскиот рок за упис во средно образование за 2017/2018, кое беше спроведено во изминатите два дена (28-ми и 29 јуни), се пријавиле 17.179, а се запишале 11.205 ученици, соопшти Министерството за образование и наука. Резултатите од запишувањето и слободните места се објавени денес.

Од учениците кои се запишале, 8590 се за настава на македонски наставен јазик; 2440 ученици за настава на албански наставен јазик; 99 ученици за настава на турски наставен јазик и 76 се повторувачи.

Според видот на образование, запишани се 4878 ученици во гимназиско образование (3810 на македонски наставен јазик; 941 ученик на албански наставен јазик; 64 ученици на турски наставен јазик и 63 повторувачи), 6151 во стручно образование (4636 ученици на македонски наставен јазик; 1467 ученици на албански наставен јазик; 35 ученици на турски наставен јазик и 13 повторувачи) и 176 ученици во спортска гимназија (144 ученици на македонски наставен јазик и 32 ученици на албански наставен јазик).

МОН ги објави јавните средни училишта во Република Македонија во кои според добиените извештаи уписот е завршен во првото пријавување во јунскиот уписен рок.

Уписот е завршен за гимназиско образование во:

СУГС Гимназија „Никола Карев“ – Град Скопје,
СУГС Гимназија „Орце Николов“ – Град Скопје,
СУГС „Георги Димитров“ – Град Скопје;
СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ – Град Скопје;
СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола.

Уписот е завршен за здравствена струка во:

СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Град Скопје, за образовниот профил медицинска сестра, забен техничар, фармацевтски лабораториски техничар во паралелките на македонски наставен јазик и на албански наставен јазик, како и за образовниот профил физиотерапевтски техничар и медицинско лабораториски техничар во паралелките на македонски наставен јазик;

– СОУ„Наце Буѓони“ – Куманово за образовниот профил медицинска сестра во паралелките на албански наставен јазик;
– СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп за образовниот профил: медицинска сестра и фармацевтски лабораториски техничар во паралелките на македонски наставен јазик;
– СОСУ „Св.Кирил и Методиј“ – Охрид за образовниот профил медицинска сестра во паралелките на македонски наставен јазик;
– СОУ „Нико Нестор“ – Струга за образовниот профил медицинска сестра во паралелките на македонски наставен јазик;
– СОУ „Димитар Влахов“ – Струмица, за образовниот профил медицинска сестра, фармацевтски лабораториски техничар и физиотерапевтски техничар во паралелките на македонски наставен јазик.

Уписот е завршен за економско-правна и трговска струка во:
– СОУ „Јане Сандански“ – Битола, за образовниот профил економски техничар во паралелките на македонски наставен јазик;
– СОУ „Нико Нестор“ – Струга за образовниот профил економски техничар во паралелките на македонски наставен јазик;
– СОУ „8ми Септември“ – Тетово за образовниот профил правен техничар во паралелките на македонски наставен јазик.

Уписот е завршен за електротехничка струка во:
– СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани, за образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика во паралелките на македонски наставен јазик;
– СОУ „Никола Карев“ – Струмица за образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика во паралелките на македонски наставен јазик.

Уписот е завршен за машинска струка во:
– СОУ „Никола Карев“ – Струмица за образовниот профил автотехничар – мехатроничар и техничар за компјутерско управување во паралелките на македонски наставен јазик.

Второто пријавување во јунскиот уписен рок ќе биде на 5 јули, а резултатите ќе бидат објавени следниот ден, 6 јули. МОН информира дека за второто пријавување слободни места има во јавните средни училишта во сите општини во Република Македонија за вкупно 24529 ученици.

Слободни места за настава на македонски наставен јазик има 16 118, за настава на албански наставен јазик 7 455, за настава на турски наставен јазик има 819, за српски наставен јазик слободни се 34 места и 103 слободни места за повторувачи.

Според видот на образование, во второто пријавување во јунскиот уписен рок слободни места во гимназиите има 6 171 ( 3 504 за ученици на македонски наставен јазик; 2 215 за ученици на албански наставен јазик; 344 за ученици на турски наставен јазик; 34 за ученици на српски наставен јазик и 74 за повторувачи), во стручно образование има 18 252 слободни места (12 554 за ученици на македонски наставен јазик; 5 204 за ученици на албански наставен јазик; 475 за ученици на турски наставен јазик и 19 за повторувачи). Во спортската гимназија слободни се 106 места од кои 60 се за ученици на македонски наставен јазик, 36 за ученици на албански наставен јазик и 10 за повторувачи.

Во вкупниот број запишани ученици и слободни места за второто пријавување во јунскиот уписен рок не е пресметан бројот на учениците од средните училишта за уметничко образование, бидејќи учениците во тие училишта полагаат дополнителни испити.

Во Државното средно училиште Спортска академија во прва година се запишаа вкупно 204 ученици, од кои 116 за фудбал, 58 за ракомет, 25 за кошарка и пет тенис.

Министерството за образование и наука соопшти дека поради големиот интерес на учениците за упис во СУГС Гимназија „Орце Николов“-Скопје одлучило во ова училиште да не се спроведе квалификациско тестирање, односно да бидат примени сите ученици кои во текот на основното образование постигнале континуиран одличен успех во сите одделенија и по сите наставни предмети.

Во учебната 2016/2017 година деветто одделение завршиле 20712 ученици. Согласно измените на Законот за средно образование, средното образование од учебната 2008/2009 година е задолжително за сите ученици.

– За таа цел се обезбедени доволен број слободни места, вкупно 35 909 ученички места – и тоа 25 127 на македонски наставен јазик, 9 830 на албански наставен јазик, 918 на турски наставен јазик и 34 на српски наставен јазик (во кои се вклучени и паралелките во реформирано двегодишно и тригодишно стручно образование) во сите јавни средни училишта во Република Македонија, информира МОН.