На ред е Управниот суд, денеска без ДИК и без протести

Вчера, надвор од сите рокови, ДИК со четири гласа „за“ и четири „против“ го отфрли и последниот приговор на СДСМ за изборни неправилности во избирачкото место 2011 во Теарце. Претставникот на ДУИ во Комисијата се иззема од гласањето.

ДИК прифати само еден приговор на Беса за неправилности при гласањето на избирачкото место 0396/1 во Гостивар. Според приговорот, гласачката Фатиме Сулејмани не можела да го искористи своето право на глас затоа што претходно некој, во нејзино име, веќе гласал. Графолошката анализа покажала дека потписот во Ибирачкиот список бил лажен. Членови на избирачкиот одбор сведочеа дека Сулејмани се обидела по вторпат да гласа и дека на нејзиниот прст, при прегледот со УВ лампа, имало траги од спрејот со што имало сомневање дека таа веќе гласала. Сепак, ДИК реши да го уважи приговорот на Беса.

Евентуалното прегласување на ова избирачко место каде што се регистрирани повеќе од 700 гласачи, може да го смени конечниот резултат за освоени пратенички места во Собранието од Избирачката единица 6, а тоа значи и резултатот на изборите. Во „шестката“ разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е околу 300 гласа.

Управниот суд за слична ваква одлука на ДИК во 2013 година веќе има донесено пресуда. Со пресудата број 1.11.823 од 27 април 2013 година било одлучено дека во случај ако едно лице гласало за друго, истото лице има право да бара заштита на избирачкото право и нема основ за поништување на гласањето во избирачкото место, особено ако тој глас не влијае на конечниот резултат. ДИК приговорот на Беса го усвои со 6 гласа „за“ и 3 гласа „против“.