На саем во Москва ќе биде преставен туристичкиот потенцијал на Македонија

Во организација на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ), Македонија и годинава, по четврти пат, го претставува својот туристички потенцијал на Саемот за туризам во Москва, Русија.

На Саемот учествуваат 2.056 егзибитори и туристички компании, а 203 туристички дестинации ја претставија својата понуда.

Како што соопшти Агенцијата, нејзини претставници се сретнаа со партнерите и соработниците, продолжувајќи ја одличната соработка со рурскиот тур оператор „7 Tour” кој неколку години носи руски туристи во Македонија. Од минатата година почна и соработката со руската асоцијација на тур-оператори и туристички агенции Amigo tours и Inter-visam чиј претставник е Росолин Ирина. Росолин е и основач на здружението „Посетете ја Македонија”, веб портал кој нуди тури за Mакедонија и информации за најатрактивните туристички дестинации во нашата земја.

Според АППТ, промоцијата на Македонија на московскиот саем е исклучително важна. Претставува можност да се зголеми свесноста за постоењето на Македонија како туристичка дестинација во Руската Федерација.

– Искуството покажува дека одлуката за настап на рускиот пазар е правилен избор, а за тоа зборува и фактот дека последните неколку години имаме зголемување на броjот на туристи од Русиja за 40 отсто. Исто така владините мерки за поддршка на туризмот се покажаа како одлична можност за привлекување странски тур оператори. Оваа година висината на субвенциите за рускиот пазар изнесува 65 евра по донесен турист за авионски организиран туристички промет во нашата држава, посочуваат од Агенцијата.

На саемот за туризам во Москва кој се оддржува од 18 до 21 март, Македонија се претстави со нов дизајн на штандот и нови промотивни материјали кои имаа можност да ги видат повеќе од 50 000 посетители.