На Скопскиот филмски фестивал утре ќе се прикажат четири филма

Утре на годинашното издание на Скопскиот филмски фестивал е и македонски краток игран филм „Карма“ во режија на Владимир Митревски.

Покрај тоа ќе бидат прикажани во 16 часот во кино „Милениум“, „Забранетата соба“ (2015) во режија на Guy Maddin, Evan Johnson. Извонредниот режисер Мадин веќе со години експериментира со застарените форми, од неговата хумористична верзија на советскиот краток филм, ремек-делото „Срцето на светот“, до немиот надреален долг игран филм „Жиг на умот“. Ентузијазмот на Мадин за стари камери и акции соодветствува со неговата радост во евоцирање на цел жанр со една единствена слика.

Во 18 часот во „Милениум“ следува „Белиот бог“ во режија на Kornél Mundruczó. Брутална но возбудлива фантастика за бунтот на уличните кучиња наспрема суровите и индиферентни луѓе. Тоа е хитот од минатогодишниот Кански фестивал, унгарската фантастика за одмазда што не е налик на ништо што претходно сте гледале. Приказната е едноставна како парабола, за верното животно кое одделено од својот сакан сопственик страда, се бори и се опира, додека и двајцата очајнички се обидуваат повторно да се пронајдат во суровиот и насилен свет.

Во 20 часот во „Милениум“ следува „Карма“ на Владимир Митревски. „Карма“ е кратка приказна за неколку човечки судбини кои меѓусебно се преплетуваат. Централна фигура е Боби, млад човек и татко, чие дете боледува од тешка болест. Неговата цел е по секоја цена да обезбеди средства со цел да го спасисвојот син. Тој прифаќа да учествува во грабеж на банка, воден од своите пријатели Мичо и Бугар, сметајќи дека тоа е единствен начин да обезбеди средства со кои би го спасил неговиот син. Оваа одлука е поддржана и од неговата сопруга Ана, која исто така смета дека моментално тоа е единствениот излез од ситуацијата во која се наоѓаат.

Во 21 часот во „Милениум“ ќе се прикаже „Граѓанинот 4“ (2014) во режија на Laura Poitras. „Граѓанинот4“ е трилер од реалниот живот во кој дејството се одвива постепено од минута во минута, овозможувајќи ѝ на публиката комплетен увид во средбите на режисерката Лора Поитрас и новинарот Глен Гринвалд со Едвард Сноуден во Хонгконг, кога тој им предава тајни документи со кои се докажува масовна индискриминација и нелегална инвазија на приватноста од страна на Агенцијата за државна безбедност (НСА).
Kога Сноуден, користејќи го името „Граѓанинот4“ја контактирал во јануари 2013 година, Поитрас веќе 2 години работела на филм за надгледувањето. Ѝ се обратил токму нејзе затоа што знаел дека таа веќе долго време е цел на надгледување од владата, била запрена безброј пати на аеродромите, но одбила да биде заплашена. Кога Сноуден ѝ открива дека е аналитичар на високо ниво, кој одлучува да го открие масовното набљудување на Aмериканците од страна на НСА, Поитрас го убедува да ѝ дозволи да снима.
Филмот ве сместува во просторијата со Поитрас, Гринвалд и Сноуден додека тие се обидуваат да ја контролираат медиумската бура која беснее надвор, принудени да донесат брзи одлуки кои ќе имаат влијание врз нивните и врз животите на сите околу нив.

„Граѓанинот4“ не само што ви ги покажува опасностите на надгледувањето од страна на власта – туку прави и да ги почувствувате. По овој филм никогаш повеќе нема на ист начин да гледате на вашиот телефон, електронска пошта, кредитна картичка, интернет-пребарувач или профил.