На Табановце пронајдена дрога во возило на албански државјанин

На граничниот премин Табановце откриени се околу осум килограми тревкаста материја, најверојатно марихуана, во автомобил „смарт“ со албански регистарски таблички.

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека возилото било управувано од 56-годишниот албански државјанин Б.О, а тревкастата материја била сокриена во бункер од левиот и десниот праг од возилото.

Дрогата била спакувана во 27 пакетчиња со различна големина, облепени со кафеава селотејп трака.

Во разговор со осомничениот утврдено е дека за паричен надомест од 4.000 евра, со лица од Албанија се договорил да пренесе поголема количина на наркотична дрога од Албанија за Чешка.

Царинската управа информира дека против сторителот е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.