На Турција веќе не ѝ треба членство во ЕУ, но не ги прекинува преговорите

На Турција повеќе не ѝ потребно членството во Европската унија, но нема еднострано да се повлече од преговорите за придружување, изјави во неделата претседателот Реџеп Тајип Ердоган во обраќањето во парламентот.

„Нема да бидеме ние тие коишто се откажуваат. Искрено зборувајќи, членството во Европската унија повеќе не ние е потребно“, изјави Ердоган.

Дванаесет години долгите преговори се во прекин, а ЕУ особено ја обвинува Турција за репресија кон лицата кои се обвинети за неуспешниот обид за воен преврат од 15-ти јули 2016 година. Десетици илјади луѓе, професори, офицери, државни службеници, новинари се притворени.

Владата во Анкара ги обвинува членките на ЕУ не ја процениле добро сериозноста од заканите за Турција и дека не одговориле на барањето на Турција за екстрадиција на осомничените лица.

„ЕУ нѐ предаде во борбата против тероризмот“, рече Ердоган во неделата. Оцени дека европскиот блок сѐ уште има потреба од Турција. „Доколку ЕУ сака да напредува, има само ден пат, а тој да ѝ го гарантира на Турција членството и да поттикне културен и економски раст“, додаде.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави во изборната кампања во септември дека е јасно оти Турција не би требала да влезе во ЕУ, како и дека преговорите би требало да бидат прекинати иако Турција е важна членка на НАТО. Вакви пораки пристигнуваа повеќепати на адреса на Анкара, во прв ред од Австрија и од Данска.

Брисел повеќепати предупредуваше дека однесувањето на Анкара ја доведува во прашање нејзината посветеност за пристапување кон ЕУ. Европската комисија на почетокот во годишниот извештај за напредокот на Турција на патот кон Унијата, ги нотираше неуспесите на политиките на Анкара во сферата на граѓанското општество, човековите права и слободата на говорот. Во извештајот, исто така, беше истакнато дека турските власти не прават доволно за прилагодување на законодавството кон европските норми.

Спогодбата за асоцијација меѓу тогашната Европска заедница и Турција беше потпишана во 1963 година. Апликацијата за членство во Европската унија, Анкара ја поднесе дури во 1987 година. Пристапните преговори за членство, пак, започнаа дури во 2005 година, а повеќепати беа усложнувани поради несогласувања што доведе до нивно прекинување. Во моментов отворени се 16 од 35-те поглавја од пристапните преговори.