На утрешните избори во Доњецк и Луганск ќе се гласа преку интерет

Претседателски и парламентарни избори во украинските области Доњецк и Луганск ќе се одржат утре и покрај несогласувањето на Киев, ЕУ и ОН, а единствено се поддржани од официјална Москва.

Во овие две области, каде проруското население ги бојкотираше украинските вонредни парламентарни избори на 26 октомври, утре ќе се гласа преку интернет, а локалните лидери најавиле дека со тоа ќе се овозможи создавање на легитимна влада.

Киев ги прогласи изборите за „фалсификувани и лажни“ поради самата процедура на гласање која не е транспарентна, бидејќи нема меѓународни набљудувачи и им дозволува гласање на „војници од друга држава“.

Русија најави дека ќе ги признае резултатите од утрешните избори, за кои верува дека ќе бидат демократски и слободни, а украинските власти, ЕУ, ОН, ОБСЕ и САД предупредуваат дека нивното одржување ќе значи грубо кршење на мировниот договор од Минск.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун предупреди дека гласањето преку интернет сериозно ќе го наруши мировниот процес во Украина и ќе го загрози мировниот протокол и меморандум од Минск.

ЕУ иако и се закани на Русија со нови санкции во случај на поддршка на утрешните избори организирани од проруските власти во источниот дел на Украина, Москва нема да ја смени одлуката за признавање на изборните резултати.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров нагласи дека изборите во Доњецк и Луганск се „една од најважните области од договорот во Минск“, додека новата шефица на европската дипломатија Федерика Могерини го поддржа ставот на американскиот претседател Барак Обама дека „признавање на изборите ќе има само доколку тие се одржат согласно украинските закони“.

Белата куќа ги осуди плановите на „некои украински сепаратисти“ утре да се одржат избори во источниот дел од земјата и ја повика Русија да го осуди „незаконското гласање“.

Портпаролката на американскиот Совет за национална безбедност, Бернадет Михан најави дека САД нема да признаат било какви резултати од изборите и ги повика останатите држави да го направат истото.

– САД ја предупредуваат Русија да не ги користи резултатите од гласањето како изговор за воени потези во Украина – додаде Михан.

Претседавачот со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Дидие Буркхалтер смета, исто така, дека одржувањето на овие избори е спротивно на „текстот и духот на Протоколот од Минск“ и дополнително ќе го закомплицира неговото спроведување.

Фаворити за победа на утрешните избори се досегашните проруски политички лидери на Доњецк и на Луганск, Александар Захарченко и Игор Плотницки.