На власт не се доаѓа со уцени и закани

Граѓаните бараат проекти, програма, вработувања, инвестиции, а не соработка со странски служби за некому да ја дадат довербата.

Политичките аналитичари велат Зоран Заев и СДСМ го одбраа погрешниот пат за да стигнат до власт. Велат потребите на граѓаните се изградба на автопати, отворање фабрики и нови работни места, а не создавање на атмосфера на страв и тензии.

Политичките аналитичари веќе долго нагласуваат дека СДСМ без соодветна програма и политичка конструктивност не може да очекува победа. Професорката Каракамишева Јовановска вели СДСМ наместо да се бори до демократски методи и понуда на компетитивни политики, тие се одлучија на политичка коцка – со страв, уцени и манипулативни информации да убедуваат дека ВМРО ДПМНЕ, кои пред само 10 месеци победи на парламентарни избори со повеќе од 480 илјади гласови и разлика од двесте илјади гласови треба да си заминат, пишува Канал5.

„На власт не се доаѓа со уцени, со закани од објавување незаконски добиени материјали кои имаат единствена цел, да ја уништат правната сигурност во земјата и наместо владеење на правото да се наметне владеењето на уцената и на бандитството. Во демократскиот свет партиите се натпреваруваат со програми и со стратегии, со развојни политики за да ги убедат граѓаните да гласаат за нив, но и за да им влејат доверба дека нивното владеење ќе донесе прогрес, стабилност на системот во целина, мир и благосостојба. Каква стабилност и каква правна сигурност и заштита на нашите слободи и права, ќе ни гарантира СДСМ, ако воопшто некогаш дојде на власт, после циркузијадава која најавува дека ќе ја направи во РМ?“, вели професорката Каракамишева Јовановска.

Последните одлуки на СДСМ за објавување нека материјали против власта добиени од странски служби наидоа на неодобрување. Токму поради тоа се’ поголем број на граѓани од најразлични професии му се приклучуваат на Граѓанското движење за одбрана на Македонија формирано пред неколку дена од група интелектуалци, спортисти, уметници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.