Свет

На Волстрит индексите паднаа втор ден по ред

На Волстрит индексите паднаа втор ден по ред

На Волстрит во вторникот цените на акциите благо паднаа, втор ден по ред, бидејќи вложувачите се претпазливи пред неколку важни политички и економски настани, кои може значително да влијаат врз пазарите.

Индексот Dow Jones ослабе за 0,23 отсто, на 21.136 поени, додека S&P 500 индексот се лизна за 0,28 проценти, на 2.429 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,33 отсто, на 6.275 индексни поени.

На Волстрит втор ден со ред се тргуваше претпазливо, бидејќи инвеститорите не се расположени за значително менување на позициите пред неколкуте важни политички настани коишто значително може да влијаат на пазарите.

Во четврток во Велика Британија се одржуваат вонредните парламентарни избори, а некои анкети покажуваат дека конзервативците на премиерката Тереза Меј може да го зголемат своето мнозинство во парламентот, додека други најавуваат тесни изборни резултати.

Во четврток, исто така, ќе се одржи седница на челниците на Европската централна банка (ECB), па вложувачите го очекуваат нивниот осврт на ситуацијата во економијата на еврозоната и монетарната политика.

Во Вашингтон, пак, пред Сенатот ќе сведочи поранешниот директор на Федралното биро за истраги (FBI), Џејмс Коми, кој своевремено ја покрена истрагата за можните врски меѓу изборната кампања на претседателот Доналд Трамп и Русија, а во мај Трамп го разреши од должноста.

Медиумите пишуваат дека Коми планира да сведочи за неговиот раговор со Трамп во кој наводно претседателот барал да ја отфрли истрагата за советникот за национална безбедност Мајк Флин, кој беше отпуштен откако се дозна дека разговарал со рускиот амбасадор пред Трамп да ја преземе официјално должноста, што е недозволиво. Трамп негира дека вршел притисок врз Коми.

„Има многу настани во четврток, па очекувам несигурност на пазарите кон крајот на седмицата. Мора да се позиционирате за секој можен исход, па дел од влогот ќе го повлечете од масата“, толкува за Reuters Ентони Конрој, претседател во компанијата „Abel Noser“.

Меѓу најголемите губитници во вторникот беше акцијата на „Macy′s“, со пад на цената од повеќе од 8 отсто, откако овој трговски синџир ги предупреди вложувачите дека маржите може дополнително да паднат.

Тоа го притисна целиот трговски сектор, па цените на акциите на „Walmart“, „Sears“, „Nordstrom“ и „J.C. Penney“ паднаа меѓу 1,7 и 41, отсто.