На Волстрит индексите стагнираа, рекорд на Nasdaq

На Волстрит во претпазливото тргување во вторникот индексите Dow Jones и S&P 500 останаа речиси непроменети, додека индексoт Nasdaq достигна нов рекорд благодарејќи на подемот на цените на акциите во технолошкиот сектор.

Индексот Dow Jones ослабе за 0,01 отсто, на 20.979 поени, додека индексот S&P 500 се лизна за 0,07 проценти, на 2.400 поени, а Nasdaq индексот зајакна за 0,33 отсто, на рекордните 6.169 индексни поени.

Од 11-те најважни сектори на S&P 500 индексот во вторникот цените на акциите пораснаа само во два, а најмногу во технолошкиот сектор, за 0,5 отсто.

Тоа дојде благодарејќи на скокот на цената на акцјата на Microsoft за 2 отсто, бидејќи се очекува компаниите и властите повеќе да трошат на заштитата на информатичките системи по масивниот глобален кибернетички напад со уценувачкиот софтвер кој изминатиот викенд погоди компјутерески мрежи на компании и јавни установи во 150 земји во светот.

„Акциите на многу технолошки компании сега јакнат поради загриженоста во врска со информатичката безбедност. Вложувачите веруваат дека многу компании ќе мора да ги надоградуваат своите компјутерски системи“, вели во анализата на Reuters Пол Нолт, портфељ аналитичар во фондот „Kinsview Asset Management“.

Меѓутоа, инвеститорите се внимателни бидејќи стравуваат од одложувањето на плановите на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со даночните рефоми по медиумските шпекулации дека тој на средбата со шефот на руската дипломатија наводно открил строго доверливи информации, што предизвика нова политичка бура во САД.

Се заканува опасноста дека политичките настани ќе му го одвратат вниманието на Трамп од плановите за даночната реформа, а цените на акциите последните месеци растеа токму поради неговите ветувања за намалување на даноците, и зголемувањето на државната потрошувачка.

„Последните денови има многу политички вести, а малку економски коишто го менуваат пејзажот“, додава Нолт.

Поради тоа, инвеститорите во вторникот не ги охрабри ниту податокот за силниот раст на индустриското производство во САД. Според аналитичарите, вложувачите уште се под впечатокот од минатонеделниот податок за побавниот од очекуваниот раст на прометот во трговијата на мало, што укажува на забавување на растот на економијата.

„Потрошувачката сочинува повеќе од две третини од економскиот раст, па доколку таа е слаба, како може да очекување занрзување на растот на стопанството“, вели Пол Нолт за Reuters.