На Волстрит пад на индексите од рекордните нивоа

На њујоршки Волстрит во понеделникот цените на акциите благо падаа, бидејќи вложувачите се претпазливи во пресрет на неколку важни политички настани, додека сите најважни иднекси се движат околу рекордните нивоа, а пад имаа и најсилните европски индекси.

Индексот Dow Jones ослабе за 0,10 отсто, на 21.184 поени, додека S&P 500 индексот се лизна за 0,12 отсто, на 2.436 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,16 отсто, на 6.295 индексни поени.

Откако кон крајот на минатата седмица сите најважни берзански индекси ги достигнаа највисоките вредности во историјата, во понеделникот на Волстрит се тргуваше мирно.

На внимателноста на инвеститорите укажува потпросечниот обем на тргување. На американските берзи сопствениците во понеделникот ги сменија 5,5 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во последните дваесет дена изнесуваше 6,6 милијарди акции.

Вложувачите не се многу расположени да ги менуваат позициите во очекување на неколку политички настани кои би можеле да влијаат на пазарот.

Меѓу другото, оваа седмица во Велика Британија се одржуваат парламентарните избори, додека поранешниот директор на американското Федерално биро за истраги (FBI), Џејмс Коми, ќе сведочи за можните врски меѓу изборната кампања на претседателот Доналд Трамп и на Русија.

Покрај тоа, во јуни се очекува зголемување на клучните каматни стапки на американската централна банка Federal Reserve (Fed) за 0,25 процентни поени, иако последните податоци не насочуваат на категоричен заклучок дека растот на американската економија забрзува.

И на европските берзи цените на акциите во понеделникот паднаа. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,29 отсто, на 7.525 поени, а парискиот CAC индекс падна за 0,66 отсто, на 5.307 поени, додека во Германија не се работеше поради празник.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.