На женевската аукција Sotheby’s не го продаде розовиот дијамант, но ги продаде најскапите обетки

дијамантот Раџ Пинк

И покрај големите очекувања, реткиот голем розов дијамант од 37,3 карати, наречен „Раџ Пинк“, исклучителен по својата боја и проѕирност, беше меѓу неколкуте врвни дијамнати кои во средата вечер не беа продадени на наддавањето во Женева, но за рекордни 57 милиони долари беа продадени обетките кои аукциската куќа Sotheby’s ги опишува како „најзначајниот пар обетки некогаш ставени на наддавање“.

Дијамантот „Раџ Пинк“ беше најавуван како атракцијата на аукциската продажба на накит од страна на аукциската куќа Sotheby’s којашто двапати годишно се одржува во Женева.

Познавачите пред почетокот на продажбата проценија дека дијамантот пронајден во 2015 година во Јужноафриканската Република на аукцијата ќе биде продаден за 20 до 30 милиони американски долари. Наддавањето започна со цена од 10,01 милиони долари, но по постигнатите малку помалку од 14 милиони долари, понудите престанаа да пристигнуваат.

На дијамантот ова име му го дал неговиот сегашен сопственик, кој сакал да остане анонимен. Името инаку преведено од санскритски јазик треба да значи „розовиот крал“.

„Не е продаден“, изјави пред собраните во салата управителот на Меѓународниот оддел за накит на аукциската куќа Sotheby’s, Дејвид Бенет, која и ја водеше аукцијата.

„Накитот или драгоцените камења мора да бидат извонредни за да се продаваат денес како пред две години“, смета Ерик Валдју, јувелир од Женева кој порано работел за ривалската аукциска куќа Christie’s. Оценува дека „Раџ Пинк не е толку лесно да се продаде. Станува збор за модерен камен, со не толку дамнешна историја. Покрај тоа, не можеме да го оцениме со 10/10“, вели.

Покрај розовиот дијамант на оваа аукција останаа непродадени уште неколку парчиња скап и редок накит. Нови сопственици од 349 понудени експонати добиле само 303, известија во четвртокот од Sotheby’s. Вкупната заработка од продажбатата изнесувала околу 78 милиони американски долари.

 

Најскапите обетки на светот

Два ретки дијаманта, во розова и во сина боја, пак, во вторникот вечерта беа продадени на аукцијата на Sotheby’s по рекордно висока сума за над 57 милиони долари. Дијамантите беа понудени на два различни лота и беа продадени одделно. Сепак, ги купи еден купувач, кој живее во Азија.

Еден од дијамантите, наречен „Синиот Аполон“ (The Apollo Blue), од 14,54 карати и е се однесува на повискота категорија чистота „без внатрешни и надворешни дефекти“, беше продаден за 42.870.302 долари. Неговиот физички тип IIb е толку редок, што во него се вброени само 0,5 отсто од дијамантите кои се произведуваат во светот. Неговата уникатност се состои во тоа што во светот може да се сретнат само 0,1 отсто природни скапоцени камења со сина боја. Експертите пред продажбата го проценија на 38 до 50 милиони долари.

Вториот дијамант „Розовата Артемида“(The Artemis Pink) беше продадена за 15.338.176 долари. Каменот од 16 карати нема толку висок степен на чистота, бидејќи има малку нечистотија. Неговиот физички тип IIa е, исто така, редок, и опфаќа само 2 отсто од ископаните дијаманти. Поради тоа цената на овој дијамант е и трипати пониска од онаа на „Синиот Аполон“. Пред наддавањето беше проценуван меѓу 12,5 и 18 милиони долари.

Пред почетокот на лицитацијата за овие две дијамантски обетки Дејвид Бенет рече дека „овие восхитувачки обоени дијаманти се извонредно ретки, и секој од нив засебно е прекрасен камен. Кога се заедно, тие просто го одземаат здивот“. Спорд него, поради уникатноста и убавината на дијамантите ги нарекле според грчките богови.

„Ги именувавме во чест на Аполон и Артемида, близнаците кои имале голема моќ и убавина, и коишто се меѓу најпочитуваните богови кај древните Грци“, рече Бенет.

 

Розовата ѕвезда надвор од категориите

Продажбата на дијамантот од 59,6 карати „Розова ѕвезда“ како дел од продажбата на величествените скапоцени камења и предмети од жад на почеткот од април годинава на Sotheby’s беше продаден за 71 милион американски долари.

Беспрекорниот розов дијамант „Розова ѕвезда“ со големина на слива беше продаден на аукција во ноември 2013 година во Женева, исто така, на аукциската куќа Sotheby’s, за 76,3 милиони швајцарски франци или 83,02 милиони американски долари, вкупно со провизиите и другите давачки, што претставуваше светски рекордна цена за драг камен понуден на наддавање. Дијамантот го купи тогаш њујоршкиот трговец со дијаманти Исак Волф и го преименуваше во „Розов сон“.

„Розовата ѕвезда“,со сертификат од лабораторијата Gemological institut of America (GIA), беспрекорен топчест розов дијамант e највредниот дијамант кога и да е понуден на аукција. Toj, истовремено, е и еден најголемите дијаманти на светот во последните 35 години и се смета дека овој камен oд 59,60 карати е надвор од сите категории.

Дијамантот кој оригинално тежел 132,5 карати е ископан во рудникот на „Де Бирс“ во Африка во 1999 година, точното наоѓалиште никогаш не е објавено, и биле потребни повеќе години режење, брусење и полирање за да го добие сегашниот облик. На јавноста првпат ѝ беше претставен во 2003 година, а беше продаден во 2007 година. Тогашната продажна цена, како и името на сопственикот никогаш не беа објавени.

Обоените скапоцени камења, на кои отпаѓаат 0,01 отсто од ископаните дијаманти, доминираат според цените на пазарот на накити и драгоцени камења. Нивните посебности и естетскиот изглед предизвикуваат рекордни цени на наддавањата, како што е на пример 24,78-каратниот дијамант Fancy Intense Pink за кој на аукцијата во ноември 2010 година во Женева, лондонската јувелирница „Graff“ плати рекордни 45,6 милиони американски долари.

Се смета дека пазарот на обоени камења е силен поради нивната реткост, како и дека луѓето ги купуваат поради инвестициски цели, како инвестиција од она што се случува на другите пазари. Дијамантите во боја станаа вистински хит, а всушност се последица на природна незгода, бидејќи сите дијаманти во почеток се бели, а доколку некои агенси продрат во земјата им ја менува бојата.