Сите - Македонија

Началникот на Генералштабот на АРМ во официјална посета на војската на Црна Гора

Началникот на Генералштабот на АРМ во официјална посета на војската на Црна Гора

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал потполковник Методија Величковски во рамките на активностите на тридневниот престој во Црна Гора во средата оствари средби на највисоко воено ниво во Министерството за одбрана и Генералштабот на војската на Црна Гора.

По приемот со високи воени почести, генералот Величковски имаше средба со началникот на генералштабот на војската на Црна Гора, генерал-потполковник Љубиша Јокиќ, по што сe одржа состанок меѓу делегацијата на АРМ и претставници од ГШ на војската на Црна Гора.

На средбата меѓу началниците на Генералштабови, се опфатија повеќе прашања меѓу кои збогатување на постоечката билатерална воена соработка во областа на обуката и военото образование, како и разгледување на можностите за нови облици на соработка преку изведување на заедничка обука и користење на капацитетите на армискиот полигон Криволак.

Генералите Величковски и Јокиќ изразија увереност дека приемот во НАТО на Црна Гора која е веќе 29-та полноправна земја членка на овој воено политички сојуз, ќе претставува позитивен сигнал и натамошна безрезервна поддршка за македонските аспирации за членство во НАТО а со тоа и зајакнување на безбедноста во регионот.

Овие заложби беа повторени и за време на состанокот на делегацијата на АРМ со министерот за одбрана Предраг Бошкович на кој присуствуваше и вршителот на должноста амбасадор на Македонија во Црна Гора, Сухена Ќерими Балиу. На состанокот беше потенцирана и потребата за продлабочување на партнерската соработка меѓу АРМ и војската на Црна Гора во повеќе сегменти на одбраната.

Од страна на соговорниците на денешните средби беа искажани пофални зборови за улогата и начинот на кој АРМ се справуваше со миграциската криза, со што е придонесено и за намалување на овој вид безбедносен ризик за целиот регион.

Делегацијата на АРМ во текот на денот оствари посета на и воздухопловната единица во воената база Голубовци во близина на Подгорица каде исо така се разгледуваа можностите за проширување на постоечката соработка во овој сегмент.

За време на престојот во Црна Гора во текот на утрешниот ден делегацијата ќе присуствува на денот за високи гости и церемонијата на затварање на вежбата „Заеднички предизвик 2017“ на која заедно со припадници на армиите на Австрија и Црна Гора учествуваат 36 припадници на АРМ од составот на полкот за специјални намени.

Соработката помеѓу АРМ со војската на Црна Гора во досегашниот период е изразена преку повеќе активности, како заедничка обука меѓу припадниците на двете армии на полето на военото воздухопловство, и обука на специјалните сили, но и во военото образование при што питомци од Црна Гора се образуваат на Воената Академија во Република Македонија „Генерал Михајло Апостолски“.