Нацев: Граѓаните ги чувствуваат последиците од катастрофалната одлука за амнестирање на затворениците

Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција истакна дека криминалците кои ги ослободи СДСМ со амнестијата пустошат по улиците на Скопје.

Во Скопје криминалот завладеа на улиците. Граѓаните секојдневно се жртви на насилници, дилери, ограбувачи и криминалци. Црната хроника во медиумите се повеќе се полни со случаи каде граѓаните се малтретирани и ограбувани од криминалците што ги ослободи владата на СДСМ. Како резултат на амнестијата која ја спроведе владата на СДСМ и Зоран Заев околу 1.000 криминалци беа пуштени на улица. Граѓаните на своја кожа веќе ги чувствуваат последиците од оваа катастрофална одлука, посочува Нацев.

Нацев за јавноста да има претстава колку СДСМ и Зоран Заев ја направиле Република Македонија небезбедно место за живеење презентираше дел од, како што вели, криминалот на оние кои беа ослободени од затворите, а жртви беа граѓаните.

„Само три часа му биле потребни од пуштање од затвор до ново разбојништво на 21- годишно лице со прекар Оревче. Тој бил затекнат од сопственикот на куќата којашто ја ограбувал, кого физички го нападнал и го претепал. Сличен е случајот и со 37-годишно лице кое во Идризово долги години издржувал казна затвор за повеќе кривични дела, како кражби, тешки кражби, разбојништво, кражба на возило и дрога. Уапсен бил од страна на полицијата во населбата Ново Лисиче, каде што извршил дрска кражба а се обидел да изврши и разбојништво. Зад решетки повторо завршила и осуденичка која била амнестирана за дрога“, вели Нацев.

Ја праша полицијата колку кривични дела од областа на насилниот криминал и имотните деликти се случиле изминативе неколку недели на подрачјето на Град Скопје?

„Колку дела се расчистени, а колку не? Колку од делата каде жртви се граѓаните се сторени токму од лицата кои ги амнестираше Зоран Заев? Дали полицијата има некаков план со посебно ќе ги следи лицата кои беа амнестирани од Зоран Заев. Ваквиот непромислен потег од страна на СДСМ и Зоран Заев за добивање на ситни политички поени е погубен за граѓаните на Република Македонија. СДСМ свесно ги стави во опасност животите на сите жители во рацете на криминалците и не врати во едно време на минатиот век кое сакаме да го заборавиме. Карактеристично за сите влади на СДСМ е кога тие се на власт криминалот, рекетарството, разбојништвото и трговијата со дрога да бидат главна карактеристика на нивното владеење, вели тој.

Нацев прашува и дали граѓаните на Република Македонија кога гласаа за „Живот“ гласаа за криминалците да им ја одредуваат нивната судбина или пак се надеваа дека поголемите плати, вработувањата, зголемениот животен стандард ќе бидат дел од нивниот секојдневен живот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.