Нацев: Нема да се откажеме од борбата за ослободување на нашите браќа и сестри

Вечерва сме тука да им дадеме поддршка на нашите браќа и сестри маченици кои се лажно обвинети за дела кои што немаат никаква врска со реалноста, истакна на денешниот протест организиран од ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за правда Александар Нацев.

„Хунтата на власт предводена од СДСМ започна да апси уметници, луѓе кои работеле за да ја претставуваат Македонија меѓународно, апси врвни професионалци од МВР кои целата кариера работеле на спроведување на законот и заштита на законот, апси бранители кои во 2001 година беа на браникот на татковината со пушка во рака и ја бранеа Македонија од вистинските терористи“, потенцираше Нацев.

Додаде дека тука се за да им порачаат дека овој политички прогон на сите не истомисленици нема да им помине и ова што го прават денес не е ништо ново и за ВМРО-ДПМНЕ ова не е нешто непознато.

„Истите оние кои до 1998 година во време на независна Македонија ги гонеа патриотите по линија на македонски екстремизам и национализам, истите оние кои тајно преслушуваа и монтираа случаи за македонски екстремизам денес го прават истото. Истите оние кои што ги смислија и „дувло“ и „темел“ и „сина птица“ денес го смислија овој гнасен чин кон нашите браќа и нашите патриоти. Тука сме затоа што нема да им помине, тука сме да се спротиставиме на овој прогон и ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од борбата за своите браќа и сестри“, рече Нацев.