Национална програма за Македонија

Досега власта попушта со мислата дека изборите ќе решат се’. Груевски дури даде пример со боксерот Мохамед Али кој го победи Џорџ Форман иако пред тоа му попушташе седум рунди. Само што резултатот ќе беше сосема друг ако судиите не броеја бодови и нокаути.

А, состојбите денес кај нас се точно такви. ДИК ќе биде под контрола, а гласачките ливчиња ќе ги брои ОБСЕ. Со Законот за медиуми тие исто ќе бидат под контрола. Се’ погласни се најавите дека и Груевски нема да може да учествува на изборите. Со таа цел беше создадено паралелното Јавно обвинителство. Други форми на притисок ќе бидат терористички акции и обиди за тензии во раководството на ВМРО-ДПМНЕ против Груевски.

Пак ќе кажам: СДСМ и останатите сателити се само алатка за уништување на државата. Ќе мора да се бориме со големи непријатели, а не со ветерници. Последно сведоштво за тоа е победата на опозицијата во Венецуела, со поддршка на САД, по 16-годишното владеење на антиамериканската партија на Хуго Чавез. Независно што до неодамна тамошната опозиција беше слаба и расцепкана. Пред две години имаше неуспешен атентат против венецуелскиот претседател Мадуро, а неговиот претходник Чавез беше отруен. Затоа не смееме да се залажуваме со приказни и анегдоти за Заев и заевци наместо да ги гледаме пипките на светскиот Октопод.

Ете зошто час поскоро мора ВМРО-ДПМНЕ да излезе со национална програма за Македонија во која клучните прашања ќе бидат:

1.Територијална целокупност на Република Македонија без било какви разговори за федерализација, кантонизација, друг службен јазик, етнички буџети и ротации;

2.Самостојна и независна внатрешна и надворешна политика без странски „преговарачи“ и „олеснувачи“, без сугестии, а уште помалку притисоци и уцени. Секој што си превзема таква улога, од каде и да е (САД, ЕУ, други држави) да биде прогласен за непожелен;

3.Враќање на концептот за граѓанско општество преку враќање на Уставот од 1991 година т.е. поништување на сите подоцнежни одлуки за менување на државните симболи, закони и одредби;

4.Укинување на закони како тој за територијалната поделба, Договорот од Пржино со сите негови клаузули, паралелното јавно обвинителство;

5.Укинување на сите паразитски структури како Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор и одлуките за вработување по етнички квоти;

6.Забрана за постоење на организации и нивни гласила (печатени и електронски) кои спроведуваат антимакедонска и антидржавна дејност.

Дури потоа има место за економски, социјални и културни прашања кои и досега постојат во програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Досегашните партиски програми на владеачката партија беа доволни да обезбедат само можност за коалициони влади.

Национална програма ќе и донесе апсолутно мнозинство и хомогено управување. Се разбира ако на листите за пратеници, а потоа и за министри се стават личности кои можат да спроведат таква национална програма. Но, за тоа идниот пат.