Националната арена „Филип II“ се ребрендира во „Телеком Арена“

Македонски Телеком склучи договор за деловна соработка со Акционерското друшво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Согласно Договорот, Националната арена „Филип II“ ќе се ребрендира и именува во „Телеком Арена“. Одлуката за одобрување на склучување на Договор за соработка со Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор е донесена од страна на Одборот на директори на Македонски Телеком на седницата одржана на 16.03.2016 година.

Националната арена е најголемиот и најпознат спортски објект во Македонија. Објектот е еден од 10-те најголеми стадиони на Балканот, со капацитет од над 33.000 посетители, целосно усогласен со стандардите на ФИФА и УЕФА. Најчесто се користи како терен за домашните фудбалски клубови, за одржување на сите натпревари на македонската фудбалска репрезентација, како и за сите национални спортски првенства. Овој репрезентативeн објект, покрај  спортот, претставува центар и на сите значајни случувања од областа на културата и музиката во државата.t-logo-01

„Соработката помеѓу големите компании и спортската индустрија, особено именувањето и брендирањето на големи важни спортски објекти е добровоспоставена пракса низ целиот свет. Па затоа, потпишувањето на Договорот за соработка со Македонски Телеком е доказ дека националната арена добива сигурен и доверлив деловен партнер во иднина. Стадионот во Градскиот парк е импресивен објект и препознатлив белег на градот Скопје и околината. Нашата поддршка ќе обезбеди промоција на Телеком Арената во пошироки рамки по теркот на светски познатите стадиони, но и дополнително ќе го поттикнеме здравиот начин на живот и развојот на спортски дух кај граѓаните во државата“, изјави главниот извршен директор на Македонски Телеком, Андреас Маиерхофер.

Генералниот директор на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов вели дека со брендирањето на Националната Арена во Телеком Арена, Република Македонија се приближува уште еден чекор напред кон светски прифатените трендови во спортската индустрија, така што на овој начин арената ќе добие уште поатрактивен и модернистички изглед, кој секако е на општо задоволство на сите граѓани  во државата.

Брендираната Телеком Арена ќе биде домаќин на Супер Купот на УЕФА во 2017 година. Во натпреварот ќе учествуваат победниците на Лигата на Шампионите на УЕФА за 2016-17 година и Лигата на Европа на УЕФА за 2016-17 година.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.