Национална скрининг-програма за рано откривање на рак на дојка

Почна спроведувањето на Националната скрининг-програма за рано откривање на рак на дојка. Во повеќе градови низ Македонија вчера и завчера се извршени речиси 200 мамографски скрининзи. За денеска се закажани 148 скрининзи во јавните здравствени установи низ државата.

Република Македонија е 27. земја во светот која воведува ваква скрининг-програма согласно европските и светски стандарди.

Мамографскиот скрининг, кој е бесплатен за секоја жена, претставува периодично правење на мамографија на навидум здрава жена без присутни симптоми на рак, со цел откривање на заболувањето во неговиот претклинички стадиум.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека на почетокот скринингот се врши во 17 јавни здравствени установи низ државата кои се опремени со апарати за мамографија, меѓу кои се здравствените домови Железничар и Скопје, Градската општа болница „8 Септември“, Здравствена станица Железара, здравствените домови во Неготино, Вевчани, Свети Николе, Кратово, Ресен, Берово, Пехчево, општите болници во Велес, Струмица, Струга и Кичево, како и во клиничките болници во Битола и во Тетово.

Посочи дека во проектот ќе бидат вклучени и Клиниката по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, како и болниците во Охрид, Прилеп, Кавадарци, Кочани и Штип, за кои веќе е во тек набавката на нови мамографи со средствата кои ги обезбедиле од остварените заштеди од набавката на инсулини и ленти за мерење на шеќер. Скринингот, појасни, го вршат обучени технолози и доктори-специјалисти во областа на радиологија.