Над 1.000 лица побарале совет на линијата „Ало докторе“

Во изминатите седум дена од 6 април до вчера за медицински совет на телефонската линија 02/15 193 се јавиле 1.087 лица, соопшти Здравствен дом Скопје.

Јавувањата најчесто се со широк спектар на најразлична симптоматологија, најчесто за кардиоваскуларни  и респираторни симптоми  од променливите временски услови.

На сите оние лица кои се јавиле на телефонската линија им е дадена соодветна медицинска помош преку здравствен совет и соодветна симптоматска  терапија.

Како што информираат од Здравствен дом Скопје, 21  Доктори биле достапни за медицински совет, а јавувањата биле од граѓани од сите градови на Македонија.

Во кол центарот „Ало докторе“ секој ден од 18 до 22 часот  за медицински совет се дежурни и достапни директорите на Јавните здравствени установи.

На линијата денеска од 18 до 22 часот дежурен ќе биде др. Антони Новотни  од  Клиниката за психијатрија а утре др. Ирена  Кафеџиска од Клиниката за ревматологија. На  16 април во кол центарот Ало докторе дежурна ќе биде др. Марија Хаџи-Лега директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство и во петок на  17 април др. Илијаз Исмаили од Клиниката за очни болести .

Во сабота и недела од 18 до 22 часот  дежурна ќе биде др. Ленче  Неловска  директорка  на  Геронтолошкиот завод 13 Ноември односно др.Мендух  Јегени  од  Специјалната болница за гинекологија и акушерство Чаир.

Линијата е достапна секој ден 24 часа со цел да се овозможи непосредна медицинска консултација во моментот на појава на какви било симптоми на нарушување на здравјето.

За седум месеци  од 15 септември 2014 година до денеска на 02/15 123 за медицински совет се јавиле вкупно 31.652 лица.