Македонија

Над 1.000 плацеви за куќи понудени вчера на караванот „Купи куќа за млади“

Над 1.000 плацеви за куќи понудени вчера на караванот „Купи куќа за млади“

Голем број граѓани покажаа интерес за проектот „Купи куќа за млади“ на презентацииите што се одржаа за проектот вчера во Велес, Свeти Николе и Пробиштип. Во трите града беше презентирана и понуда од над 1.100 парцели од општините за изградба на куќи.

Како што изјави за МИА Ивана Билбиловска, портпарол на Министерството за финансии и презентер на проектите, целта на караванот е да се промовира овој нов владин проект и да се донесе поблиску до граѓаните, кои имаа можност и директно   да постават прашања поврзани со проектот и веднаш да добијат одговори.

– На граѓаните им ги пренесовме сите детали за можноста за аплицирање на младите за овој проект. Можам да оценам дека во Велес имаше голем интерес и бројни прашања поврзани  за пооделните допрецизирања за можноста да се аплицира. На пример, едно од прашањата беше доколку родителот  има куќа дали може и на кој начин да му даде можност на синот за доградба или надградба. Некои од граѓаните кои присуствуваа на презентацијата веќе упатени во проектот и го имаа почнато процесот на аплицирање и имаа конкретни прашања за постапката. Во секој случај има голем интерес за проектот, информира Билбиловска.

На презентациите во трите града освен проектот „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа, купи стан“, беше презентирана и понудата на земјиште во општините за изградба на куќи.

Зоран Тасев, градоначалник на Свети Николе, вели дека со новиот генерален урбанистички план во Свети Николе се создава широка можност за реализација на проектот „Купи куќа за млади“.

– Определено е земјиште за повеќе плански населби и тоа две во градот и две вон градот. Двете локации кои се наоѓаат во градот нудат можност за изградба на 360 куќи, тоа се локациите Сопотски пат и Кнежевски пат. Има план за понуда на локации за изградба на куќа и во село Трстеник и село Преод, кои имаат исклучително добра местоположба и се наоѓаат блиску до автопатот. Значи ќе имаме понуда на околу 500 локации за изградба на куќи. Почетната цена на наддавање ќе биде од евро за метар квадратен. Проектот „Купи куќа за млади“ е исклучително добра можност за решавање на станбеното прашање на младите лица и постои огромен интерес за истиот, наведе Тасев.

Во Пробиштип, пак, како што најавува градоначалникот Тони Тоневски, во местото Леговец, ќе бидат понудени 350 локации. – Почетната цена на земјиштето е едно евро за метар квадратен. Имаме голем интерес за проектот во општината и очекувам многу млади да го искористат за да си изградат свој дом, вели Тоневски.

Исто така од секторот за урбанизам во  Велес презентираа понуда на околу 300 парцели во општината. Зоран Мецанов, раководител на урбанистичкото одделение информира дека на граѓанитеќе им бидат понудени плацови во новата населба Трпезица кај Велес. -На овој простор од  42 хектара, заинтересираните граѓани  ќе можат да се изградат   344 нови станбени куќи,информира Мецанов.

Караванот „Купи куќа за млади“ планирано е да посети и одржи презентации во вкупно 30 општини.

Проектот „Купи куќа за млади“ субвенционира кредит за изградба на куќа така што исплаќа 80 отсто од ратата осум години и 50 отсто од ратата следните три години, или субвенционира 100 отсто од учеството.