Над 1.500 бегалци утрово се упатија од Гевгелија кон Табановце

Од железничката платформа кај прифатниот камп во Гевгелија, само во текот на вчерашниот ден со седум специјални возови кон Табановце заминале околу 2.500 бегалци.

Според информациите од железничката станица во Гевгелија, првиот воз кон Табановце денеска заминал пред еден час со околу 1.000 мигранти, а следните ќе се упатуваат според потребите на прифатниот камп каде бегалци кои пристигнуваат во Македонија се евидентираат пред да го продолжат патот.

Бројката на бегалци кои утрово од Гевгелија се упатија кон Табановце изнесува повеќе од 1.500 затоа што покрај возот,кон северната граница заминаа триесетина такси возила и неколку автобуси кои чекаат да бидат утоварени кај мостот на Сува река во Гевгелија.

Од грчка страна, мигрантите во прифатниот камп во Гевгелија пристигнуваат во групи од по 100 до 200 луѓе периодично што создава можност и време тие да бидат евидентирани, да им се даде здравствена помош доколку им треба и да се освежат пред да го продолжат патот.