Над 10.000 тони тутун откупен за еден месец

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека деветте откупувачи на тутун заклучно со вчера откупиле вкупно 10.047 тони тутун.

Просечна откупна цена изнесува 186 денари по килограм, а кај одредени откупувачи е и над 190 денари.

Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, чии претставници секојдневно се на терен и го следат текот на откупот, исплатата во актуелната реколта е реализирана со 76 отсто или досега се исплатени 23,3 милиони евра.

Откупот, како што се наведува во соопштението, се врши на вкупно 186 ваги на 152 откупни места, а динамиката тече без проблем и според договорите меѓу тутунопроизводителите и откупувачите.

Инаку, според сегашната проценка, во реколта 2015  се очекува да бидат откупени над 20.000 тони тутун.