Над 100.000 Унгарци протестираа против оданочување на Интернет услугите

Околу 100.000 Унгарци протестираа синоќа против намерите на Владата за воведување данок за корисници на интернет, сметајќи дека таквата мерка ќе ги ограничи основните демократски права и слободи. Тоа беше втор протест во изминатите неколку дена поради данокот на интернет услуги, но и најмасовен откако Владата на десниот центар презема власт во 2010 година.

Учесниците маршираа во центарот на Будимпешта барајќи да не се прифати законот и повикаа на симнување од власт на премиерот Виктор Орбан.

Пред четири дена во Будимпешта протестираа околу 10.000 луѓе. Протестот го организираше Фејсбук група во која се повеќе од 200.000 приврзаници.

Според предлогот за даночен закон за 2015 година, кој во вторникот беше поднесен во парламентот, данок за секој почнат гигабајт пренесени податоци ќе биде 49 евроценти, при што кај физички лица месечно може најмногу да достигне до 700 форинти (2,28 евра), а во случај на правни лица до 5.000 форинти (16,32 евра). Владата со тоа очекуваше приходи во државата од околу 20 милијарди форинти (65 милиони евра). 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.