Над 100 предупредувања од МВР за несовесните возачи

Министерството за внатрешни работи врз основа на прегледани снимки и направени фотографии од видео надзорот по сообраќајниците во главниот град, но и во други градови низ Републиката, упати над 100 предупредувања на возачи за сторени сообраќајни прекршоци по разни основи.

Како што информираат од МВР, со предупредувањето на граѓаните им се испраќаат фотографии на коишто е фотодокументиран соодветниот прекршок. Најголемиот број сообраќајни прершоци евидентирани се во Скопје – 63, пришто 13 прекршители се правни лица (меѓу кои и неколку државни институции), додека остатокот се граѓани-жители на Скопје. Евидентирани, односно фотодокументирани се прекршоци и во Куманово, Кавадарци, Велес и Струга.

Најголем дел од прекршоците, како што велат од МВР, се однесува на прекршокот „забрането запирање и паркирање“ и тоа во близина на пешачки премин, на тротоар, односно пешачка патека, како и запирање и паркирање во близина на стојалишта за возила на јавниот сообраќај или на места каде паркираното возило го оневозможува движењето или пристапот на други возила во сообраќајот.

Досега според евиденцијата на соодветните служби при МВР издадени се над 1.400 предупредувања до граѓани со фотодокументирани сообраќајни прекршоци.