Над 1000 барања дневно за откуп на дворно место

Граѓаните имаат голем интерес за откуп на дворните места. Рокот за поднесување на барањата истекува на 15 овој месец. Канцелариите на Управата за имотно правни работи ќе имаат продолжено работно време во наредните неколку работни денови, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, одговарајќи на новинарско прашање при денешната работна посета на општина Василево.

– Уште неколку дена останаа до завршување на рокот за доставување барање за откуп на дворните места по цена од едно евро за метар квадратен. Интересот е голем. Имаме над илјада барања дневно, потенцираше Ставрески.

Тој апелираше до граѓаните да ги искористат овие последни неколку дена да го откупат своето дворно место по цена од едно евро за метар квадратен.

Управата за имотно правни работи ќе ги прима барањата од граѓаните секој ден до 19 часот.