Над 110.000 бегалци стасале во ЕУ во првите два месеци од годинава

Според последните податоци бројот на мигранти што на дневна основа пристигнуваат во ЕУ се зголемил за десет пати. Од почетокот на годинава во ЕУ влегле над 110.000 мигранти или над 2.000 лица дневно, пишува „Дејли Експрес“.

Ако оваа бројка се спореди со онаа од 223 лица дневно што била регистрирана во првите два месеци од минатата година, станува јасно дека бројот на мигранти што дневно стигаат до Грција и Италија е зголемен за 10 пати.

Според експертите, ако се земе предвид дека има огромно зголемување на напливот во зимските месеци, тогаш бројот дополнително ќе биде зголемен со подобрување на временските услови.

Најверојатно вкупниот број на мигранти што ќе стасаат во ЕУ годинава ќе го надмине предвидениот број од 1,1 милиони лица.

Вината за огромното зголемување на бројот на бегалците многумина ја префрлаат на германската канцеларка Ангела Меркел и нејзините шведски колеги поради политиката на отворени врати.

Новите податоци за пристигнувањата – од Меѓународната организација за миграција предизвикуваат страв дека мигрантската криза излегува од контрола.

Според последните податоци, над 102.000 мигранти, Сиријци, Авганистанци и Ирачани стасале на грчките острови годинава.

Во јануари и февруари 2015-тата вкупниот број на регистрирани бегалци од страна на грчките власти, пред Германија и Шведска да ги отворат вратите, изнесувал 3.952 лица, а во 2014-тата во ЕУ влегле вкупно 34.000 мигранти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.