недела, 28 мај 2017  |  Вести денес: 9

Над 134 илјади лица со висок ризик од кардиолошко заболување

fzom

Последни вести

Многу висок ризик да добијат кардиолошко заболување имааат 134.326 лица, а како последица на тоа заболување се очекува 13.432 лица да имаат фатални последици во наредните 10 години. Ова е утврдено кај возрасната група од 24 до 65 години од обработени 381.878 податоци по спроведените превентивните прегледи од страна на матичните лекари во 2014 и 2015 година за рано и навремено откривање на кардиоваскуларни, бубрежни заболувања и дијабетес мелитус.

Од 579.813 лица со дијабетес, 16.231 се новооткриени со пред-дијабетична состојба и дијабетес, 3.007 се со многу висок ризик, а 1.503 осигуреници се очекува да добијат дијабетес. Висок ризик од нефролошки заболувања е утврден кај 2.600 осигурени лица кај кои се очекува заболување во наредните 10 години, а од нив 1.300 лица ќе завршат на дијализа.

Резултатите од спроведените превентивни цели кај матичните лекари денеска на прес-конференција ги презентираа директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани, кои истакнаа дека превентивните мерки биле спроведени со цел рано и навремено откривање на трите најчести незаразни заболувања: кардиоваскуларните, бубрежните заболувања и дијабетес мелитус, како и секундарна превенција на можните компликации од нив.

– Со цел грижа за здравјето на осигурениците, Фондот, заедно со Лекарската Комора на Македонија и Здружението на приватни лекари на Македонија, лекарските здруженија и другите чинители на здравствениот систем, во договорите за 2014 година со приватните здравствени установи, воведе три цели како приоритет за превенција. Периодот во кој се спроведуваа договорените превентивни прегледи кај матичниот лекар беше предвидено да се одвива две години – 2014 и 2015 година, за да има доволно време да можат да бидат опфатени сите осигуреници, рече Рамадани.

За таа цел, во соработка со матичните лекари, посочи, се извршија прегледи на осигурениците на возраст од 14 до 65 годишна возраст. Таргетирани беа 1,3 милиони осигуреници од кои обработени се податоци за 655.002 осигуреници, што изнесува 52 отсто од вкупната бројка.

– Со реализацијата на Проектот на Владата за превенција на трите хронични незаразни заболувања – кардиоваскуларни, бубрежни заболувања и дијабетес, овозможуваме рационализирање и правилно искористување на средствата на Фондот, како и подигнување на квалитетот на здравствена заштита во државата, потенцира Рамадани.

Појасни дека меѓу испитаните осигуреници со хронични болести кои го посетиле матичниот лекар во 2014/2015 и добиле и совет во врска со здравствената состојба и брошури, 8,6 отсто (111.308 лица) се со кардиоваскуларни заболувања, 0,42 отсто (5.534) се со нефролошки заболувања, а 6,9 отсто (89.349 лица) имаат дијабетес.

– Фондот реализираше и дополнителен проект „Фондот се грижи за хроничните болни“, при што тимови од Фондот телефонски ги потсетуваат хроничните пациенти да ги извршат редовните прегледи и контроли и да ги почитуваат советите на лекарите за да се спречи влошување на здравствената состојба, додаде Рамадани.

Според резултатите од превентивните прегледи кај матичните лекари, прекумерна тежина имаат 14,3 отсто (82.852 лица) од испитаните лица, што значи дека тие треба да ја намалат телесната тежина со намалување на внес на храна со високо ниво на храна со незаситени масти и јаглехидрати, кај 4,39 отсто (28.783 лица) во урината им се пронајдени протеини, што е еден од знаците за нефролошко заболување, а кај 3,86 (14.753 лица) со ЕКГ е откриена неправилна работа на срцето.

Директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски рече дека превенцијата на трите хронични незаразни заболувања: кардиоваскуларните, нефролошките заболувања и дијабетесот е многу значајна, поради зачестено појавување на овие заболувања кои се со висок процент на смртност. Посочи дека Фондот во соработка со матичните лекари од 1 јануари почна нов двогодишен циклус за реализација на превентивни цели годинава и идната година.

Наша стратешка посветеност, потенцира, е во соработка со сите релевантни чинители на здравствениот систем да ја промовираме и стимулираме превенцијата, затоа што тоа е еден од најважните механизми за спречување на развивање на заболувањата.

– По анализата на податоците кои што ги добивме од матичните лекари преку електронскиот софтевер кој го воспоставивме, воочивме дека овие три заболувања најчесто се јавуваат кај пациенти од 35 до 65 години. Од тие причини, одлучивме во новите превентивни цели и активности за наредните две години да се фокусираме на овие возрасни категории на граѓани и максимално посветено, заедно со матичните лекари да ги информираме и едуцираме за можните компликации од овие заболувања, истакна Стефаноски и додаде дека во новиот двогодишен циклус новина се превентивни цели кај педијатрите.

Нагласи дека грижата за здравјето започнува од најрана возраст и затоа педијатрите треба да реализираат превентивни активности рано откривање на нарушувања на видот, слухот и говорот за деца од 3 до 6 години и рано откривање на деформитети на рбетниот столб за деца од 6 до 14 години. Овие две цели, појасни, до 1 септември ќе се водат во хартиена форма, односно во локален софтвер, а со унапредување на порталот ќе можат да се пополнуваат електронски без обврска за хартиено чување.

– Матичните лекари и педијатри ќе имаат задача во наредните две години, согласно динамика утврдена од нив, да ги повикаат на преглед сите осигуреници од овие возрасни категории кои се заведени кај нив како матични пациенти преку смс, писмо или телефонско јавување, и да извршат преглед и увид во здравствената состојба на пациентите за да ги утврдат нивните ризици по здравје и да препорачаат превентивни мерки за зачувување на здравјето, рече Стефаноски.

Потенцира дека Фондот апелира до сите граѓани да се појават на закажаниот преглед кај матичниот лекар за спроведување на превенцијата, а во зависност од ризикот кој ќе се одреди, да ги следат препораките. Според Стефаноски, иако осигуреникот се чувствува релативно добро, подобро е тоа да биде потврдено од стручни лица, а не осигуреникот да се потпира само на личното мнение.

– За спроведување на превентивните цели кои ги утврди заедно со официјалните претставници на матичните лекари, Фондот изработи упатство за начинот на извршување на превентивни мерки кое заедно со обрасците се објавени на веб страницата на ФЗОМ во делот на даватели на здравствени услуги, под примарна здравствена заштита – општа медицина 2016 година, додаде Стефаноски.

Најчитани вести