Над 160 точки на отворената владина седница

Граѓаните денес преку телевизиските екрани ќе може во живо да ја следат седницата на Владата на Република Македонија. На истата предвидени се 167 точки на дневниот ред, кои премиерот Никола Груевски и сите министри треба да ги разгледаат, а се однесуваат на сите сфери од сите министерства кои покриваат определени делови од општеството.

Премиерот и министрите ќе разгледуваат точки од економија, инфраструктурата, здравство, образование, европските интеграции.

На дневен ред е и процесот на регулаторна гилотина, укинување на административните бариери, како и определени процедури кои што го обременуваат функционирањето на компаниите.

Портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев истакна дека на седницата, која граѓаните ќе може да ја следат во живо, ќе се разгледуваат и прашања од областа на енергетиката, процесите на реализација на енергетските објекти, гасоводот, хидроцентралите, но и стипендиите на младите, набавката на здравстената опрема, како и точки кои се однесуваат за пензионерите.

„Целта на ваквата манифестација е граѓаните да може да се запознаат со функционирањето на самата Влада, да видат како изгледа непосредно одржување на една владина седница, да слушнат дискусии на министрите. Исто така да имаат увид во точките кои се дискутираат и чија интенција е да донесат подобри услови, зголемување на можностите за граѓаните, за субјектите, за компаниите, за сите оние за кои се однесуваат точките од дневниот ред“, посочи Ѓорѓиев.

Владата во изминативе три недели го спроведува и реализира концептот на работни отворени денови кои започнаа со денот на идеите, а продолжи со црвениот тепих за граѓните.

Третата манифестација се одржува денес, јавно и традиционално отворена седница на Владата.