Над 2.000 лекови во трка за имунотерапевтско лекување на ракот

Траката за развојот на имунотерапевтските лекови за ракот достигна такви димензии што во овој момент стручњаците настојуваат да развијат над 2.000 лекови во светот и резултатот од оваа „бркотница“ според познавачите е преклопување на напорите на сличните проекти и веројатен неуспех на многу истражувања и трката за пациентите да се вклучат во клиничките истражувања.

Ајман Шалаби од непрофитната организација Cancer Research Institute вели дека глобалната анализа, прва којашто е спроведена, утврдила дека 940 имунотерапевтски лекови се во клиничка фаза од развојот, а уште 1.064 се во претклиничка фаза од испитувањата.

Само во текот на оваа 2017 година започнале нови 469 клинички истражувања коишто планираат да опфатат повеќе од 52.000 пациенти, според податоците коишто ШАлаби ги претставил на Европското здружение за медицинска онкологија во Женева и коишто минатата седмица беа објавени во магазинот Annals of Oncology.

„Областа е многу ветувачка, и има потенцијал да создаде многу пресвртници во промената на стандардите на лекувањето на ракот“, пишуваат Шалаби и неговиот тим во статијата објавена во споменатото списание.

Директорот на фармацевтскиот гигант „Roche“, Северин Шаван, е убеден дека масовната навалица на новата област во имунотерапијата ќе доведе до бројни разочарувања. Како најголемата светска компанија којашто произведува лекови против ракот, оваа швајцарска компанија очекува дека ќе биде меѓу ретките победници во оваа област, но Шаван предвидува многу неуспеси и бран консолидации.

„Не можам ниту во најхрабрите сништа да замислам дека сите овие лекови ќе стасаат до пазарите и ќе бидат компетитивни. Ќе има многу испаѓања од овие клинички испитувања, што значи дека многу луѓе кои вложиле во овие испитувања ќе загубат пари. Очекувам дека ќе има неколку победници и многу губитнци“, вели челникот на „Roche“.

Шалаби смета дека треба да се преиспита истражувањето и развојот на лекови за ракот со фокус на соработката меѓу фарамцевтските компании и научната заедница.