Над 200 прегледи месечно во нефролошките амбуланти низ државата

Министерството за здравство од јули минатата година започна со отворање нефролошки амбуланти во рамки на повеќе јавни здравствени установи низ државата и досега се отворени вкупно 10 нефролошки амбуланти, во кои само минатиот месец се реализирани над 200 прегледи.

Прегледите во амбулантите, соопшти Министерството за здравство, се бесплатни за пациентите, а ги закажуваат матичните лекари, во зависност од потребата за натамошни специјалистички испитувања. Воедно, матичните лекари ги информираат пациентите за симптомите на хроничната бубрежна болест и потенцијалните ризик-фактори за ова заболување. Во нефролошките амбуланти се вршат анализи за проценка на бубрежната функција на пациентот, и во зависност од резултатите се препорачува одреден режим на исхрана или соодветна терапија.

Целта е со нефролошките амбуланти да се овозможи рано откривање на хронична бубрежна болест, што претставува главен предуслов да се спречи губењето на функцијата на бубрезите, како и да се намали дејствувањето на ризик-факторите за ова заболување.