Балкан

Над 200 рудари загинаа во експлозија на рудник во Турција

Над 200 рудари загинаа во експлозија на рудник во Турција

Во експлозија во рудник во западната турска покраина Маниса загинаа повеќе од 200 рудари, речиси исто толку се спасени, а се уште има и голем број затрупани рудари, изевестува „Дојче Веле“.
Во време на несреќата во рудникот во Сома имало 787 рудари изјави турскиот министер за енергетика Танер Јулдиз дополнувајќи: „Евакуиравме повеќе од 200 луѓе. Времето не е на наша страна“.

Голем број рудари загинале поради труење со јаглен моноксид. Како причина за несреќата се претпоставува дека е дефектна трафостаница, која експлодирала и предизвикала пожар во површинскиот коп. Потоа не функционирал дотокот на воздух во рудникот.

Повеќето од затрупаните рудари се наоѓале на длабочина од 2000 метри, оддалечени околу четири километри од влезот во рудникот.

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган ја откажа планираната посета на Албанија и ќе го посети местото на несреќата. Повеќе опозициони партии испратија свои делегации во Сома.

Рударските несреќи не се реткост во Турција. Недоволни безбедносни мерки како и недоволни контроли во минатото честопати придонесоа за рударските несреќи. Најголемата рударска несреќа во изминатите децении се случи во 1992 година, кога при експлозија на гас загинаа 263 луѓе.