Свет

Над 24.000 Филипинци евакуирани поради доаѓање на тајфунот Мајсак

Над 24.000 Филипинци евакуирани поради доаѓање на тајфунот Мајсак

Филипинските власти денеска евакуираа над 24.000 жители од провинцијата Аурора, на североисточниот брег на најголемиот остров на архипелагот Лузон. Причина е доаѓањето на тајфунот Мајсак, кој на Пацификот почна со брзина од 250 километри на час, но иако брзината му е намалена на околу 160 километри, тајфунот ќе донесе силен дожд и ќе предизвика лизгање на земјиштето.

Покрај евакуираните жители, властите на околу 10.000 туристи, што тука дојдоа да го прослават католичкиот Велигден им наредија да се оддалечат од брегот.

Мајсак пред десет дена се формираше над Пацификот и прво помина над Микронезија каде што беа регистрирани најмалку пет жртви и десетина илјади уништени куќи, а ветрот и дождовите ја уништија жетвата.

Филипините годишно го погодуваат просечно по 20 тајфуни, но појавата на Мајсак во ова време се смета за невообичаена, бидејки овој регион се наоѓа во период на суша. Над 5 милиони Филипинци поради најавата на тајфунот ги откажаа велигденските аранжмани, вообичаени за ова време, кога од високите температури се бара спас на плажите.