Над 24.000 корисници ги користеле е-услугите на ФЗОМ

Најмногу од нив,  20.234  преку матичните лекари и лекарите специјалисти по електронски пат поднеле документи за заверка на ортопедски помагала, 1.744 пратиле извештаи за спреченост при работа, 1.587 Предлог за оцена на привремена спреченост за работа, а 1.199 поднеле Барање за БПО.

– Придобивките од електронските услуги кои ги воведе Фондот за здравствено осигурување се бројни и за осигурениците и за фирмите и за здравствените работници, при што нема трошење на време и финансиски средства за да се оди до подрачната служба на Фондот. Можноста за увид во сопствениот предмет, дали е позитивно или негативно решен и кога ќе биде извршена исплатата доколку се работи за рефундација на средства е исто така една од бројните придобивки од електронските услуги, велат од ФЗОМ.

Оттаму ги охрабруваат осигурениците и компаниите и здравствените работници да ги користат електронските услуги.

– За поедноставно и точно информирање кои се потребните чекори и како да се користи електронската услуга, Фондот изготви видео туторијали, кои се краток и едноставен водич како чекор по чекор за начинот како да се користат електронските услуги на Фондот. Фондот продолжува да работи на остварување на целта, е-Фонд, со цел осигурениците, овластените лица од компаниите, здравствените работници да добиваат ефикасна, навремена и професионална услуга кога им е потребна, посочуваат од ФЗОМ и нагласуваат дека продолжува трендот на зголемено користење на електронски услуги.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.