Над 26.000 Германци евакуирани поради заостаната бомба

Повеќе од 26.000 лица морале да ги напуштат своите домови во неделата претпладнето пред експертите да ја започнат постапката на безбедно отстранување на 1,8 тони тешката бомба заостаната од Втората светска војна принајдена во градина во Падерборн на западот од Германија.

За бомбата да биде деактивирана локалните власти наредиле евакуација во радиус од 1,5 километри. Поради тоа морале да бидат евакуирани и пациентите од две болници, како и штитениците на неколку домови за стари и немоќни лица, универзитетската зграда и делови на старото историско градско јадро.

Повеќе од илјада волонтери им помагале на пожарникарите и итните служби во преместувањето на населението од опасната зона за операцијата на отстранување да започне напладне по средноевропско време.

Бомбата е откриена пред една седмица и преку ден во текот на градинарски работи. Била закопана на длабочина од само 80 сантиметри, што значи дека можела да предизвика големи разорувања доколку случајно била активирана.

Германските власти се под притисок дека мора да ги отстранат неексплодираните бомби од населените области, бидејќи стручњаците предупредуваат и тврдат дека бомбите со текот на времето стануваат сé поопасни поради заморот на материјалот.

Пронаоѓањето на неексплодираните авионски бомби од Втората светска војна е речиси вообичаено во Германија, врз којашто сојузничките западни и тогашните советски сили фрлиле милиони тони бомби кон крајот на војната. Секоја година во Германија се неутрализираат по околу 5.500 неексплодирани бомби и други експлозивни средства.

Неексплодираните бомби заостанати од сојузничките бомбардирања на тогашна нацистичка Германија кон крајот на Втората светска војна, често се наоѓаат во германските градови при градежни работи или одржување на инфраструктурата. Поради тоа, многу локални власти имаат специјални екипи задолжени за нивно откривање и безбедно детонирање.

Вкупно врз Германија за време на Втората светска војна биле фрлени повеќе од два милиона бомби, од кои меѓу 5 и 20 отсто, односно најмалку 100.000 не експлодирале. На неколку месеци, некогаш и почесто, при изведување градежни работи се откриваат вакви експлозивни направа. Вообичаено, властите објавуваат дека ниедна од нив не претставува реална закана за безбедноста на луѓето, и по неколку часа се неутрализирани.

Несреќен случај е забележан само во јуни 2010 година, кога експлодираше бомба од 500 килограми кај Гетинген, кога загинаа три а беа повредени две лица.

Најмногу бомби во Втората светска војна се фрлени врз германската престолнина Берлин – повеќе од 68.000 тони, Хамбург – 45.000 тони , како на територијата на Рурската област – 162.000 тони. Хановер, исто така, бил цел на чести бомбардирања на сојузничките воздухопловни сили во последните години од војната. Само на 9-ти октомври 1943 година врз овој град биле фрлени 261.000 бомби.