Балкан

Над 260 илјади грчки фирми со години должат милијарда евра за придонеси

Над 260 илјади грчки фирми со години должат милијарда евра за придонеси

Над 260.000 фирми во Грција, вклучувајќи и големи компании, имаат огромни натрупани долгови кон социјалните фондови, пишува Дневник. Грчкиот пензиски фонд објави дека без дополнителни мерки за преструктурирање на ненаплатените долгови, мнозинството бизниси ќе банкротираат, со што ќе им зададат катастрофален удар на социјалните фондови.

Претставници на Министерството за труд на Грција, со раководствата на фондовите, вчера се сретнаа со претставници на тројката, односно со тимот меѓународни кредитори задолжени за спроведување реформи во земјата.

Фокусот на состанокот, како што јавуваат грчките медиуми, биле резултатите од едногодишниот аранжман наречен „Нов почеток“, наменет за наплата на долговите од социјалните фондови. Претставниците на фондовите презентираа податоци од досегашната имплементација на мерките од новиот аранжман, при што изразија силен сомнеж во врска со ефикасноста на мерките на тројката на овој план.

– Состанокот беше многу интересен, при што добивме можност да ја искажеме нашата загриженост во врска со ефикасноста на овој специфичен аранжман. Нашата главна грижа треба да се луѓето, а не бројките – изјави Панајотис Kокорис, генерален секретар одговорен за социјалната грижа.