Над 3.600 мигранти пристигнаа синоќа во Виена

Над 3.600 мигранти пристигнаа синоќа во Виена (Фото: Ројтерс)
Над 3.600 мигранти пристигнаа синоќа во Виена (Фото: Ројтерс)

Вкупно 3.650 мигранти пристигнаа вчера со воз од Будимпешта во Виена, што е рекордна бројка за еден ден, соопшти австриската полиција.

Сега сме во процес на проверка, колку од нив бараат азил, изјави полициски портпарол Патрик Мајерхофер.

Претходно унгарските власти дозволија на мигранти да заминат со воз за Австрија и Германија. Голем дел од пристигнатите во Виена мигранти ноќта ја минаа на железничка станица, со цел да продолжат за Германија, која минатата недела ги  олесни условите за добивање на бегалски статус за жители на Сирија.

Синоќа околу 400 мигранти пристигнаа со воз од Будимпешта во Минхен.

Германската канцеларка Ангела Меркел, претходно предупреди, дека евентуалниот неуспех да се одговори на мигрантската криза ќе ги стави под прашање идеалите на ЕУ.

Австрија ги заостри контролите на граничните премини

Австрија од пред два дена ги засили контролите на граничните премини. Одлуката на Австрија за засилени контроли следеше откако во текот на минатата недела во напуштен камион покрај автопат беа пронајдени 71 безживотно тело на бегалци кои пристигнале преку Унгарија.

Австрија ги засили контролите на граничните премини
Австрија ги засили контролите на граничните премини

Австриската министерка за внатрешни работи Јохана Микл-Лајтнер изјави денес за радиото ОРФ дека Австрија ја засилила контролата на источните граници.

Ќе спроведуваме контроли во неопределен период на сите поважни гранични премини во источниот регион и ќе ги прегледуваме сите возила кои што имаат можни места за криење луѓе кои што се жртви на трговија со луѓе, рече Микл-Лајтнер, пренесе британски Телеграф.

Со построгите контроли најдени над 200 бегалци и уапсени неколку криумчари

Според официјалните информации, властите во Австрија откриле околу 200 баратели на азил и уапсиле пет лица за трговија со луѓе, во рамки на новата операција што се спроведува на границите на земјата.

За неколку часа откако почнавме да ги спроведуваме овие мерки, за кои што постигнавме согласност со Германија, Унгарија и Словачка, успеавме да откриеме повеќе од 200 бегалци во слични такви возила а успеавме да уапсиме и неколку криумчари на бегалци, изјави Конрад Коглер генерален директор за односи со јавност во Министерството за внатрешни работи на Австрија.

Австриската министерка за внатрешни работи, на истата прес-конференција потенцира дека проверките што се преземаат на австриските гранични премини не се вообичаени гранични контроли.