Над 30 лица загинаа во експлозија на рудник во Украина

Повеќе од 30 лица загинаа во експлозија во рудникот Засјадко во Доњецк, соопшти шефот на безбедносните служби на рудникот Владимир Цимбаљенко, пренесува МИА.

– Можеме да кажеме дека повеќе од 30 рудари загинаа. Спасувачките екипи се уште не пристигнале до местото на експлозијата, се обидуваат најпрво да го неутрализираат отровниот гас, а потоа ќе се спуштат во јамата, истакна Цимбаљенко.

Претходно од Министерството за итни работи на самопрогласената Доњецка Народна Република изјавија дека експлозијата се случила ноќта меѓу понеделникот и вторникот.

– Се сомневаме дека до експлозијата дошло поради мешање на гас и воздух. Во моментот на експлозијата 47 работници биле во рудникот, а 33 во делот каде се случила несреќата, се наведува во соопштението.

Властите немаат никаква комуникација со рударите, кои се заробени на длабочина од 200 метри.

Во овој рудник за јаглен од 1999 до 2007 година се случиле седум несреќи, а во најголемата на 18 ноември 2007 година загинаа 101 рудар.